Илити одмаздата на неоткриените Марк Цукерберзи од Сингелиќ/Циглана.
Тоа е генерација израсната на Симс и на скали у маало. Во нивно време клупите беа веќе распаднати, транизијашите на власт немаа време за градење, а имаа на претек за крадење. Нивните некако успеале да им купат компјутер, јер јеби га боље дома да гмижи у дeтска отколку да го заведе некој по дрога дур се фемка да игра серва. А у тоа време актуелни беа и играчниците и дајл ап интернетот дојде дома. Така во ерата на мирцот, мсн-от, хај фајвот се раѓаат овие полупросечни ликчиња, секој со своите фрустрации.
Еден е Тони од Чаир, жестоко порочен, другиот е љубител на Арслан Форд, да го прашаш зошто веројатно ќе ти рече дека братучед му го научил, другиот е дете на кое недостатокот на хормонот за раст не му било откриено, па останал закржлавен и сега кога му растат и мустаќи и е доволно стар да срка сам чорба. Еден чија мајка го идолизирала Џемс Дин, па на сите слики се обидува да го реплицира.
Има многу вакви ликови, непораснати деца, ветриња, предвреме остарени тетки, дебели вегетаријанки водовоидџики – секакви чудаци. Сите имаат изградено имагинарни ликови од себе скриени зад аватари, никови, јузер нејмс и разноразни стрип и апстрактни досетки како начин да се справат во транициското општество со миленичињата на мама и тато одраснати со сребрена лажица во уста украдена токму од родителите на првите. Ги верглаат истите тези и џвакаат интернет повраќаниците што попаметни од нив ги напишале, гордо претставувајќи ги како свои. Градат мит од себе на кој се лепат илјадници полуписмени мињони, таканаречени ботови. И секој од нив лее кило бајтови да те убеди дека е оригинален, досетлив, принципиелен, храбар и демократичен.
Едно нешто е заедничко за нив – што ставовите и принципите си ги градат по нарачка и се гласни поборници за било што (чист воздух, празни контејнери, анти-сиромаштија, владеење на право – ју нејм ит) само и само додека им е во интерес. На првиот момент кога они или некој нивен близок ќе си го стави задникот на топло, правилата и принципите не важат. Инстант стануваат елитисти кои се она против кое се бореле и го сатанизирале како аномалија, го пропагираат како нужно – (неправедни) казни за брзо возење, граѓанско чистење на улици, чист воздух и за кое ги обвинувале претходните наеднаш го претставуваат како повисоко добро. Најјако е што не сфаќаат дека мамините ќерки и синови повторно ги инструментализираат за свои цели, овој пат не за сребрена лажица, туку за стипендија во странство или слики на инста од Бали.
Елем, меѓу ваквите ликови има и кибер архиереи, оние што имаат завршено факултети за информатика и технологија, електро или друга сродна гранка. Таквите ги користат своите студенти на кои им се асистенти да им прават софтвери и алгоритми за кои самите не се кадарни. Профитираат корпоративно на тоа, но профитираат и шверцерски на ситно. Црпат моќ од фактот што можат да го обликуваат јавното мислење со избор на тоа што ќе се врти денес како вест, а што не, што не им одговара и се етикетира како лажна вест. Кој ќе биде најпопуларен твитерџија, чија агенда ќе се бутка, а чија ќе се оцрнува и турка под тепих. Секако за дебел надомест – привилегија, функција, пара – што да е. Деновиве се обично симптоматични тактовите на разни тролови, криците на беневци – ценевци, па запомагањата на Љубиша, Александра, пикасо тезите на Видана и други знајни и незнајни микро клучеви во алгоритмот. Се јавуваат матрица на симфонија отсвирена на синтисајзер. Провидна и иритантна.
Живо од нив ме занима кој од нив ќе биде првиот слаб клуч. Или сите се толку слаби (а нас не сметаат за мутави) па фаличниот алгоритам ни го продаваат за исправен. Времето на овие знајни и незнајни ќе помине, ќе остарат огорчени што никогаш не станале Цукерберг, ќе ги криват другите за својот неуспех. И секако ќе си останат вазали на транзициските чизми.
Авторот е креатор на своето мислење врз основа на лажните вести на транзицијата.