Општини, граѓански организации, училишта, универзитети, бизнис асоцијации и други непрофитни субјекти од Македонија во партнерство со субјекти од Косово можат да аплицираат на јавниот повик за проекти за прекугранична соработка финансирани од ИПА II програмата, за кои се предвидени околу два милиони евра.
Поттикнување на туризмот, заштита на културното и природното наследство, но и на животната средина, промовирање на адаптација и ублажување на климатските промени, спречување и управување со ризици се областите на кои треба да бидат фокусирани овие проекти. Јавниот повик е објавен вчера, а ќе трае до 20 мај. Секој апликант може да аплицираа со проект во вредност од 150 илјади до 500 илјади евра.
Како што информираше на денешната прес-конференција министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, средствата за кофинансирање во износ од 15 отсто за проектите што се имплементираат во земјава ќе бидат обезбедени од Министерството за локална самоуправа.
Со повикот од наша страна се прекуграничните региони во Полошкиот, Скопскиот и Североисточниот плански регион.
-Задолжителен услов е 70 отсто од вкупната вредност да се инвестираат во капитални инфраструктурни проекти поврзани со тематските приоритети на повикот. Секоја институција има право да аплицира само со еден проект, рече министерот Фазлиу.
Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Косово 2014-2020 почна со имплементација во јануари 2016 година и на располагање има вкупен буџет од 8,4 милиони евра за заеднички проекти. Досега се финанрирани девет проекти од 2,5 милиони евра за корисници на грантови од двете страни на границата, кои се во фаза на имплементирање.
Како примери Фазлиу ги посочи реновирањето на пазарот во Куманово, изградба на печашки патеки во Крива Паланка и пешачки патеки на Шара со содветни туристички ознаки, смарт туристички инфо-центар во Тетото, како и центарот за обучување на жени и млади во Куманово.
-Наша цел е во вториот програмски период да се оствари степен на реализација од над 90 отсто од финансиските средтсва ставени на располагање од страна на ЕУ, додаде тој.
По потпишувањето на Договорот од Преспа се развил интересот за финансирање на различни проекти во Преспанскиот регион од двете страни на границата.
Фазлиу нагласи дека прв чекор е иницијативата за отворање на граничниот премин Маркова Нога, со што ќе се подобри комунукацијата меѓу граѓаните, а ќе се отвори и патот за економски развој на тој регион.
Претставници на ЕУ веќе го посетиле регионот на Преспа, направиле анализи, од кои ќе произлезат различни проекти, кои ќе бидат финансирани од Унијата.