Студентскиот проект кој привлече милијарди корисници, но исто толку и проблеми, денеска одбележува 15 години од основањето.
Оваа социјална мрежа е основана на 4 февруари 2004 година во студентската соба на Харвард на Марк Закерберг и од тогаш оствари огромен успех привлекувајќи 2,3 милијарди корисници кои платформата ја користат за размена на информации и поврзување. Сепак компанијата е изложена и на големи критики дека е повеќе концентрирана на раст отколку на заштита на корисниците.
– Тоа сега е многу моќна компанија која создаде многу моќен производ од кој многумина станаа зависни, изјави аналитичарот Џош Бернов кој додава дека токму поради тоа има и голема одговорност.
Фејсбук минатата година беше вмешан во повеќе скандали во врска со заштита на податоците и нарушување на приватноста на корисниците што предизвика стравови дека со водечката светска социјална мрежа манипулираат странски интереси за сопствена политичка корист.
По предизвиците во 2018, Фејсбук повеќе не го фалат поради иновативност. Сега го критикуваат, изјави аналитичарката Дебра Ахо Вилијамсон и додаде дека тоа не е истата компанија која беше пред 15 години.
Само дигиталниот џин Гугл има повеќе приход од Фејсбук од огласување на Интернет. Фејсбук е сопственик на апликации како што се Инстаграм, Месинџер и Воцап од кои секоја има повеќе од милијарда корисници.
Закерберг (34) и понатаму го брани својот деловен модел и тврди дека Фејсбук не продавал податоци за своите корисници и оти може да му се верува. Настојува во тоа дека неговата социјална мрежа заработува од целни огласи врз основа на она што го дознава од корисниците и така услугата ја одржува бесплатно.
Компанијата призна дека мора да направи повеќе за да ја врати довербата, па вложи милијарди долари во безбедност и има 30 илјади луѓе кои работат само на тоа.
Фејсбук и покрај скандалите минатата година имаше рекорден профит од 22 милијарди долари.