Поранешниот специјален претставник на Европската унија за Косово, Питер Фејт изјави дека САД го губат трпението со Приштина, а дека тамошните власти најмногу ќе изгубат од немањето напредок во дијалогот со Белград.
„САД го губат трпението со Косово бидејќи не постигнува доволно напредок. Гледам дека САД имаат критички однос кон Владата на Косово и тоа е без преседан. Се чини јасно дека администрацијата на Бајден го губи трпението со Косово“, изјави Фејт за приштинскиот „Теве 1“.
Тој додаде дека таков критички однос на Вашингтон кон Приштина не видел уште откако Косово прогласи независност во 2008 година. „Би било вистинска трагедија за Косово ако ја загуби поддршката од САД“, предупреди Фејт.
Тој рече дека Приштина мора да разбере дека во Европа се води жестока војна и дека моментално е во фокусот.
„Затоа треба да имате на ум дека работите не се исти како порано и не можете да сметате на симпатиите и поддршката што некогаш ги имавте“, рече Фејт, додавајќи дека не мисли дека САД и Европската унија го поддржуваат претседателот Александар Вучиќ во тој процес.
„Знам дека не е лесно, но му предлагам на премиерот Курти да вложи повеќе напори во дијалогот со Србите на северот на Косово наместо да испраќа специјални единици таму“, рече Фејт.
Тој посочи дека Охридскиот договор е од големо значење за Приштина бидејќи, според него, ќе го отвори патот за членство во меѓународните организации.
„Мислам дека Косово повеќе ќе ги трпи последиците. Доколку страните сериозно го сфатат договорот постигнат во Охрид, тогаш работите би се придвижиле и тоа би му помогнало на Косово да стане членка на различни меѓународни организации, како и на ОН“.