Компири, грав, грозје, кромид, пиперки, краставици, лук, пченка, патлиџан, пелистерски и мариовски мед, козјо сирење и млеко, козметика, ракотворби, се само дел од производите што може да се дегустираат и купат на годинашниот 8. Фестивал на органска храна во Скопје.
Фестивалот се одржува викендов на Школка, во Градски парк. Освен дегустација и продажба на производите, понуди и музика, дружење и едукација.
Штандови имаат повеќе од 20 органски производители и изложувачи на органски производи.
„Никулците како супер храна и придобивките од нив“, „Лековитите габи – потентни зајакнувачи на имунитетот“ и „Социјални претпријатија и органска нега“ се темите на трите работилници предвидени за денеска, по што следуваат други содржини од интерактивната програма и забава.
Фестивалот ќе заврши попладне со јога за возрасни, а беше отворен вчера со јога за деца. Присутните имаа можност да научат нешто повеќе и за влијанието на храната кај лицата со посебни потреби.
Покровител на манифестацијата е Град Скопје.