Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ќе побара од УЕФА да се одложи мечот со Косово закажан за 26 март на Националната Арена „Тодор Проески“, поради мерките што македонската влада ги презема денеска меѓу кои е одлуката за задолжителна самоизолација на сите што доаѓаат од високо ризичните подрачја во кои има многу заразени со коронавирусот, пишува скопски Курир.
Во моментов една од најризичните земји во светот е Италија, од каде што има дури тројца фудбалери кои треба да бидат во македонската селекција за клучниот дуел за пласман на ЕП 2020 .
Станува збор за Горан Пандев (Џенова), Елиф Елмас (Наполи) и Илија Несторовски (Удинезе), кои при доаѓање во државата ќе мора да поминат во 14-дневен карантин, што значи дека дури и ако утре дојдат ќе треба без тренинг би требало да го дочекаат дуелот со Косово. Секое подоцнежно пристигнување, како што е и планирано, ќе значи дека нема да можат да настапат во дресот на националната селекција на пресметката со косовската репрезентација
Иста е ситуацијата и со Косовците, кои имаат петмина фудбалери кои настапуваа во Швајцарија, еден од Италија, па поради тоа веќе виси воопшто одигрувањето на овој меч, ама веројатно и на сите баражи, зашто со сличен проблем се соочуваат и останатите селекции. Според најавите, сите овие барања сега ќе треба итно да ги разгледа УЕФА, па нема да биде изненадување ако воопшто се одложи сè.
„Ние ќе побараме одложување на мечот со Косово, зашто веќе не се препораки, туку забрани. Имаме проблем со ‘Италијанците’, но и со Стефан Спировски од Израел, а исти проблеми имаат и Косовците, зашто фудбалерите од загрозени подрачја ќе мора да одат во самоизолација 14 дена“, вели Златко Андоновски, портпаролот на ФФМ.
Сериозен проблем има и младата репрезентација, која треба да го дочека Израел на 26 март, а потоа да гостува, а Израел веќе воведе забрана за сите што доаѓаат од високоризични подрачја да одат во карантин 14 дена.
„Чурлинов и Хајдари во таков случај зашто доаѓаат од ризични подрачја би морале да одат во карантин. Затоа ние ќе бараме одложувања“, посочува Андоновски.