Фудбалската федерација на Македонија денеска официјално се огласи по инцидентот на натреварот со Австрија вчера во рамки на Европското првенство, кога Марко Арнаутовиќ го навредуваше нашиот репрезентативец Езгјан Алиоски. Куќата на фудбалот бара од УЕФА најстрога казна за Австриецот, кој денеска се извини за испадот преку социјалните мрежи.

Арнаутовиќ вчера го постигна третиот погодок за Австрија во победата од 3-1 против Македонија и од непознати причини реагираше бурно и почна да упатува навредливи зборови кон Алиоски. Од ФФМ велат дека нашиот репрезентативец бил навредуван на национална основа.

„Фудбалската федерација на Мaкeдонија најостро го осудува националистичкиот испад на австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ, после постигнатиот гол на вчерашниот натпревар со Македонија упатени кон македонскиот репрезентативец Езѓан Алиоски. Истовремено ве информираме дека поднесовме официјален допис до УЕФА во кој бараме најстрога казна за австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ.

Како “Куќа на фудбалот” секогаш сме против национализам, дискриминација и сите други форми на навреди и испади кои не се во духот на фудбалот и вредностите за кои сите заедно се залагаме.
Секогаш ќе застанеме и ќе ги браниме интересите и достоинството на македонските репрезентативци каде и да настапуваат“, се вели во соопштението на македонската федерација.

Поранешниот голгетер на Вест Хем преку социјалната мрежа „Инстаграм“ се извини за своите постапки и тоа и на македонски и албански јазик.