Водиме кредибилни и конзистентни макроекономски политики поддржани преку долгогодишната политика на фиксен девизен курс,  подобрите показатели за управување во споредба со други земји со слични економски перформанси, како и посветеноста на реформи во рамки на процесот на пристапување во ЕУ. Ова го констатира кредитната агенција „Фич“ во последниот извештај со кој земјата го задржа и кредитниот рејтинг ББ+ со стабилен изглед, информираат од Министерството за финансии.

Агенцијата, како што велат, нотира дека  во 2024 година реалниот раст на БДП достигна 2,8 проценти и покрај надворешните потешкотии и дека е над проекциите заради силната јавна потрошувачка и инвестициите.  Фич очекува растот  на економијата во 2026 година да достигне  4 проценти како резултат на реализација на инвестициите на коридорот 8 и 10д.

-Посочуваат во извештајот дека инвестициите остануваат силни, но дека слабиот раст на продуктивноста и неповолните демографски движења претставуваат ограничувачки фактори на растот на среден рок. Нотираат дека се забележани силни приливи на странски директни инвестиции. Странските нето директни инвестиции, како што наведуваат, се највисоки во последните 17 години и се искачија на 7,1 процент од БДП во 2024 година како резултат на високи  инвестиции во слободните економски зони. Невработеноста според „Фич“, останува структурно висока поради недостаток на вештини и нерамномерен регионален економски развој. Растот на платите е силен и во периодот 2022-2024 година изнесува во просек 13 отсто годишно и  немаше негативен ефект врз конкурентноста, велат од Министерството.

Нагласуваат дека „Фич“ во извештајот наведува дека во 2024 година е остварен буџетски дефицит од 4,6 проценти што е помалку од ревидираниот со Ребалансот на ниво од 4,9 проценти,  како резултат на повисоките приходи и недоволното извршување на капиталните расходи.

-Во 2025 година „Фич“ не очекува промени кај буџетскиот дефицит заради проектираниот повисок износ на капитални расходи и нормализирање на расходите за пензиите и социјалните фондови. Позитивно влијание врз приходната страна очекува од воспоставувањето на е-фактурата. Агенцијата смета дека  грантовите од Планот за раст на Западен Балкан ќе придонесат за намалување на дефицитот на 4 проценти  до 2026 година. Долгот според „Фич“ на среден рок ќе надмине ниво од 58 проценти од БДП, истакнуваат од Министерството.

Посочуваат дека инфлацијата во 2024 година  просечно е на ниво од 4,2 процента и според „Фич“ главни двигатели се силниот раст на платите, зголемената домашна побарувачка, заедно со силниот кредитен раст на приватниот сектор.

Од Министерството за финансии порачуваат дека кредитниот рејтинг се изготвува врз основа на анализи на политиките што ги спроведува земјата. Тој, додаваат,  го покажува степенот на ризик од инвестирање и е еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носењето на нивните одлуки.

Кредитен рејтинг за земјата изготвуваат кредитните агенции „Фич“ и Стандард и пурс“, два пати во годината.

Потврден кредитниот рејтинг ББ+ со стабилен изглед

Стабилноста на девизниот курс на денарот, којашто се одржува благодарение на кредибилните и конзистентни политики, е еден од клучните фактори за одржување на кредитниот рејтинг на нашата земја. Ова се посочува во најновиот извештај на агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“, во кој рејтингот на земјава повторно е потврден на нивото „ББ+“ со стабилен изглед, порачуваат од Народна банка (НБ).

Во извештајот, како што велат, се посочува дека курсот на домашната валута и натаму е стабилен. Според проекциите на агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“, девизните резерви покриваат 4,3 месеци од увозот проектиран за 2025 − 2026 година, што ја поддржува стабилноста на фиксниот курс на денарот во однос на еврото. Дефицитот на тековната сметка е во согласност со десетгодишниот просек, додека приливите на странските директни инвестиции се на највисоко ниво во изминатите седумнаесет години. „Фич“ оценува дека овој извор на финансирање и во следниот период ќе биде соодветен за понатамошно покривање на дефицитот на тековната сметка.

-Во однос на банкарскиот сектор, „Фич“ оценува дека тој и натаму е стабилен и профитабилен. Банкарскиот систем е добро капитализиран, високо ликвиден и со квалитетно кредитно портфолио, при што нефункционалните кредити изнесуваат само 2,9 проценти, посочуваат од НБ.

Фото: МИА архива