Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) соопшти дека нејзина инспекција го посетила Иран и заклучила дека не постојат „значителни оперативни препреки“ за укинување на четири децении старата забрана и на Иранките да им се дозволи следниот месец да го гледаат квалификацискиот натпревар за Светскиот шампионат.
Иранскиот министер за спорт Масуд Солтанифар во четвртокот изјави дека на иранските жени ќе им биде дозволено да одат на стадиони и да ја гледаат машката фудбалска репрезентација.
– Направени се сите неопходни подготовки за да можат жените, првично само за меѓународни натпревари, да влезат на фудбалските стадиони, истакна во пишана изјава Солтанифар.
На стадионот „Азади“ во Техеран, каде Иран ги игра повеќето од своите натпревари и треба да биде домаќин на квалификациите за Светското првенство од следниот месец, подготвени се одделни влезови, трибини и тоалети.
Исто така, ќе има дополнителна полиција за да се обезбеди жените да можат безбедно да влезат и да го напуштат стадионот, изјави Солтанифар.
На жените во Иран веќе четири децении им е забрането да присуствуваат на фудбалски натпревари. Една жена неодамна почина откако се самозапали во знак на протест поради тоа што и беше изречена затворска казна за обид за гледање клупски натпревар.