Граѓаните се единствените кои можат да одлучат за својата судбина. Не сакаме сите да ја плаќаме оваа цена, распишете референдум, прашајте ги граѓаните. Не може вие да одлучувате за судбината на сите што живеат во државата – изјави денеска на прес-конференција претседателот на СДСМ, Венко Филипче, осврнувајќи се на евроинтеграциите и на вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, кој на прес-конференцијата во Охрид со хрватскиот премиер Андреј Пленовиќ истакна дека нема повеќе можности за идентитетски отстапки и за нашите национални одредници и оти ако навистина билатералните прашања се тие коишто треба да го судат нашиот европски пат тогаш ние ќе се бориме на друг начин.
-Не може Христијан Мицкоски да одлучува за нашите судбини. Едноставно, доста е. Мора граѓаните да одлучат за тоа. Затоа што граѓаните, нивните семејства, нивните деца, ќе ја плаќаат цената на овие погрешни политики на Мицкоски. Затоа граѓаните се единствените кои можат да одлучат за својата судбина. Не сакаме сите да ја плаќаме оваа цена, сакаме и тие. Распишете референдум, прашајте ги граѓаните. Не може вие да одлучувате за судбината на сите што живеат во државата – изјави Филипче.
Тој се осврна на вчерашната изјава на премиерот дека нема повеќе отстапки за влез во ЕУ и рече дека дека се поставуваат две прашања, кои се тие отстапки и кои се тие што ќе ја платат цената.
-За остапките слушнавме и досега се што кажаа всушност било една голема лага. Ќе го враќа името, ќе го поништуваа Преспанскиот договор, биле загрозени јазикот, идентитетот и така натаму. Меѓутоа таа лажна кампања постепено почна да се разобличува во изминатиот период и бидејќи граѓаните знаат. Ништо од тоа не е вистина. Христијан Мицкоски самиот призна дека Преспанскиот договор е ремек-дело на дипломатијата. Претседателката Сиљановска-Давкова кажа дека со договорот, внимавајте, е потврден идентитетот и јазикот. Тимчо Муцунски, го слушнавме, кажа дека со влезот во НАТО е загарантирана безбедноста и се подобрува бизнис-климата во државата. За жал, тоа тие не знаат и не можат да го искористат. И кој ќе ја плаќа таа цена? Тоа нема да биде Мицкоски, нема да бидат неговите соработници, неговите министри. Сите тие имаат бугарски пасоши во џебовите. Тоа нема да биде неговата криминална банда. Цената ја плаќаат сите граѓани, цената ќе ја платиме сите ние, нашите семејства, децата и младите – рече Филипче.
Според него, оваа власт нема капацитет да ја води државата, а следните генерации ќе враќаат огромни суми пари за камати и кредити кои не биле потребни, ниту биле правилно искористени.
– Нема мерки во оваа криза за загрозените категории граѓани. А оваа власт сега повторно лаже. Сега дека Европа ни го загрозува идентитетот. Единственото нешто што е во овој момент загрозено е иднината на нашите деца и животниот стандард на граѓаните во државата. Доста е веќе од лагите и пропагандата на криминалната група на власт. Едноставно, доста е. Граѓаните се будни, свесни се, не се наивни, не можете повеќе да ги лажете. Сите веќе ја знаат вистината. Мицкоски и бандата не сакаат во Европа, затоа што таму има одговорност, таму се одговара пред европски обвинители за криминал и корупција. И затоа нè држат како заложници, затоа се создаваат вештачки конфликти, затоа се идентификуваат лажно внатрешни предавници и надворешни вештачки непријатели. На власт им е добро, тие не живеат лошо како граѓаните, со бугарските пасоши во џеб, со криминалните партиски тендери, со владините авиони на плажа, додека народот не може да преживее – обвини Филипче.
Во врска со повикот на Мицкоски за национално обединување, Филипче упати да се праша премиерот што за него значи обединување и додаде дека тој во неколку наврати кажал што за нив значи овој термин – односно да се направат уставните измени и да се сподели одговорноста.
Според Филипче, ситуацијата во однос на евроинтеграциите е катастрофална, а земјава ќе остане слепо црево, имајќи го предвид напредокот на другите, меѓу кои и Црна Гора. Нагласи дека наскоро во посета ќе дојде претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и праша што ќе му биде пренесено од страна на премиерот.
Кошта, како и целиот политички врв на ЕУ и лидерите на Франција, Германија, Италија, Шпанија и други земји-членки ќе учестуваат на Самитот ЕУ-Западен балкан што на 5 јуни ќе се одржи во Црна Гора, на кој меѓу друготот ќе се разговара и за новиот предлог на германскиот канцелар Фридрих Мерц, со кој се сугерира „асоцијативно членство“ за Украина и статус „привилегиран набљудувач“ за Западниот Балкан. Според најавите, Кошта следниот месец ќе дојде во Македонија.
Филипче рече дека Кошта беше пред една година од земјава порачал дека има само план А, нема план Б, тоа се уставни измени и отворање на преговорите по поглавјата.
-Јасен е моментот од страна на ЕУ, се примаат нови членки после 15-16 години, повторно проширувањето е високо на агендата на ЕУ, а сега ние тоа треба да го пропуштиме. Зошто? Поради Христијан и бандата. Па имаат ли памет луѓето што прават? Имаат ли памет? Нека власта го распише референдумот. Нека распише власта референдум, затоа што ќе ја носи целокупната одговорност за патот кон ЕУ и нека им го кажат граѓаните вистинскиот став и одговор. Се согласувам дека треба прашањето како ќе биде формулирано и така натаму да се дискутира, да се дебатира, ама на власта е одговорноста. Власта вети дека ќе влеземе во Европа под некакви подобри, „погорди“ услови. Така беше. Така кажуваа. Излажаа, како за сè друго што лажат. Така што немаат право. Граѓаните треба да одлучат. Треба да распишат референдум – рече Филипче.
Во врска со најавената интерпелација за претседателот на Собранието, Африм Гаши, изјави дека се уште не е поднесена, но дека се подготвува.
-Имаме сериозно прекршување на процедурите, повторно во прилог на иницијативата за интерпелација на Гаши, а тоа е што интерпелацијата за министерот за земјоделство не е ставена. Сите рокови се пробиени од страна на Африм Гаши. Така што ние тој материјал го подготвуваме. За интерпелација разговараме. Андреј Жерновски го спомна тоа, затоа што, гледајте, оваа власт ќе оди и ќе распише избори кога ќе снема пари. А пари има сè помалку, затоа што ништо друго не ги интересира – нагласи Филипче.
Фото: СДСМ




