Граѓаните да применуваат примарно телефонска и електронска комуникација со здравствените установи, освен при неодложна здравствена потреба и да се почитуваат стручните препораки од матичните лекари за зачувување на здравјето и за правилно лекување, апелира министерот за здравство Венко Филипче.
Не купувајте лекови непотребно, односно не правете непотребни залихи на лекови во вашите домови, посочува Филипче и додава дека лекови на рецепт на товар на Фондот за здравствено осигурување има во доволни количини, во промет одобрен од Агенцијата за лекови и медицински средства.
– Да се однесуваме сите одговорно и без паника со што ќе го заштитиме нашиот здравствен систем, а со тоа и сите нас како граѓани на РС Македонија, истакнува Филипче на својот ФБ профил.