На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во овој момент се лекуваат 54 пациенти, четворица се во критична состојба, а 20 освен редовната терапија, имаат потреба само од кислородна маска. Останатите се со лесна клиничка слика без потреба од поддршка на дишењето во смисла на дополнителен довод со кислород, истакна попладнево на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Тој посочи дека во изминатите 24 часа се направени 392 тестирања, а потврдени се 44 нови случаи дијагностицирани со коронавирусот и тоа во Куманово – 23, Скопје – 12, Тетово – 2, Битола – 3, Струга – 2, Штип – 1 и Прилеп – 1, со што вкупниот број потврдени случаи во државава изнесува 329.
Имаме две починати лица од коронавирусот, рече Филипче и појасни дека едниот пациент бил маж на возраст од 45 години кој преку одделението за инфективни болести во Куманово бил донесен во болницата „ГОБ 8 Септември“ каде иницијално бил третиран.
– Има влошување на состојбата и доцна вечерта е префрлен на Клиниката за инфективни болести каде за жал реанимацијата после кардиопулмоналното откажување не успеале. Епидемиолошки се поврзува за член од семејството кој бил пред две недели во Франција. Пациентот е со бројни минати болести, шеќерна болест, болест на срцето, фебрилација, хипертензија и обезност. Другиот пациент на возраст од 78 години е од Клиниката за инфективни болести каде се лекувал од 27 март, кој имале претходни болести како Хронична опструктивна болест и хипертенција и бројна терапија за овие две состојби, истакна Филипче.
Според местото на живеење, досега случаи на Ковид-19 се регистрирани во Скопје – 176, Дебар – 47, Куманово – 47, Штип – 15, Тетово – 8, Прилеп – 10, Струга – 7, Велес – 6, Битола – 4, Охрид – 3, Кавадарци – 2, Гостивар – 1, Крива Паланка – 1, Струмица – 1, Гевгелија – 1.
Вкупниот број тестови направени во земјава од почетокот на пандемијата, потенцира, досега изнесува 3.518 и ги соопштуваме резултати од апсолтно сите кои се вклучени во мрежата на тестирање, чиј увид секојдневно го прават епидемиолозите од Институтот за јавно здравје.
– Институтот за физикална медицина и рехабилитација во Козле престанува со работа, не прима повеќе пациенти, двајца од дијагностицираните се префрлени на Клиниката за инфективни болести. Ги чекаме резултатите во текот на денот на дополнителните 16 пациенти кои се тестирани односно е земен материјали изминатите денови. Сите пациенти на кои им е потребна оваа медицинска дејност услугата ќе ја бараат во амбулантскиот дел во ГОБ „8 Септември“, рече Филипче.
Што се однесува до ГОБ „8 Септември“, посочи тој, во текот на утринскиот состанок на Комисијата за заразни болести разговаравме за моделот според кој може да се забрзаат резултатите со оглед на тоа што огромен број пациенти доаѓаат и за друга здравствена услуга, како и директно заради сомнение поради воспаление на белите дробови и еден дел од тие мобилни тимови ќе биде посветен на земање на анализите од ГОБ „8 Септември“, додека другиот мобилен тим кој го најавивме минатата недела ќе работи преку системот на закажување и ИЈЗ, пред се за повозрасните гражани со цел тие да не излегуваат од дома и брис да се зема во домашни услови.
– Веќе е во функција пунктот во Чаир, а утре се отвора пунктот во Поликлиниката Идадија со што капацитетот на пунктовите во Скопје двојно се зголемува. До крајот на неделава започнуваат со работа и останатите пунктови ширум држава во здравствените домови. Денеска ги очекуваме резултатите од тестирањето на двајца пациенти од Битола и жената од Лабуништа која е почината вчера. Материјали се земени кај двајцата неподредно по смртта, информира Филипче.
Во врска со Мобилната болница поставена до Инфективната клиника, појасни дека таа е при крај, таму се поставуваат креветите, завршен е доводот со воздух, понатаму грееењето и ладењето.
– Во текот на утрешниот ден ќе биде во функција, а целосно до крајот на неделата. Се уште има слободен капацитет и на Клиниката за инфективни болести каде исполнетоста е 50 проценти. Во тек е надополнувањето со кадри од Клиниката за анестезиологија, медицински сестри од другите клиники согласно планот за ротација и поддршка на персоналот кој работи на Инфективната клиника, рече Филипче.
Во врска со здравствената состојба на 31-годишниот пациент, кој почина завчера на Инфективната клиника, министерот рече дека во анамнезата и документите на Клиниката не стои дека укажал на тоа дека имал и претходни заболувања иако дознале дека кај специјалистите кај кои правел консултации претходно укажал дека имал претходни здравствени состојби.
– Во врска со Охридската болница таму заврши увидот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, дектектирани се пропусти во третманот на пациентката и ќе се преземат соодветни мерки за сите кои биле вклучени во тој процес. Новиот директор ја реорганизира работата во однос на пристапот и сместувањето пациенти на Инфективното одделение, додаде Филипче.