Лидерот на опозициската СДСМ денеска упати критика до владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека се обидува  да избега од одговорност во однос на покачувањата на платите на работниците и оти тоа се обидува да го направи секојдневно преку преес-конференциите на кои води црна кампања, против работниците.

-Сакам да им се обратам на сите граѓани и посебно на работниците. Во моментов, ВМРО-ДПМНЕ се служи со секојдневни оцрнувања на прес конференции за да избега од одговорноста да ви овозможи вам работниците повисоки плати. Сведоци сме на гнасна кампања на ВМРО-ДПМНЕ против секој кој чесно работи, заработува и заслужува достоинствен приход. ВМРО-ДПМНЕ има проблем со вас работниците, не со синдикатот. Вие со право барате пристојна плата со која може да се живее, а тие смислуваат подмолни приказни за ве обивнат дека сте политички мотивирани, објави Филипче на Фејсбук.

Според лидерот на СДСМ на ВМРО-ДПМНЕ му пречи секој што бара праведен приход и додаде дека е праведно и чесно да се бараат повисоки плати во услови кога ни три минимални плати не се доволни да се покријат основните трошоци за живот.

-Праведно и чесно е да се бараат повисоки плати кога владата не прави ништо да го спречи ненормалниот раст на цените. Ова не е политичко прашање, но ВМРО-ДПМНЕ сака да го направи токму тоа, партиска пресметка за да избегне од одговорност. Но, зошто кога беа во опозиција, го поддржуваа синдикатот? Зошто тогаш беа за работниците, а сега се против нив? Одговорот на секој од вас му е јасен – тогаш им беше политички згодно, а сега веќе не сте им потребни, нагласи Филипче.

Тој додава дека ова е битка на ВМРО-ДПМНЕ, со која, како што вели „конечно ќе стави крај на сите барања, ќе ве замолчи и ќе ве фрли во апатија“.

-СДСМ е доследна по ова прашање. И како власт и како опозиција силно се боревме за правата на граѓаните и за достоинствен живот. И ниедна негативна кампања на лаги на ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поништи вистината. СДСМ ќе продолжи да ги поддржува граѓаните кои бараат достоинствен приход, ќе продолжи да поднесува закони во Собранието и да стои цврсто во заштитата на граѓаните. Попусто ВМРО-ДПМНЕ се обидува да не замолчи. А не смее да ве замолчи ни вас, работниците, нагласи Филипче.