Министерот за здравство Венко Филипче утрово имал средба со претставници на Исламската верска заедница, а планира да се сретне, како што рече, и со претставници на МПЦ, како и со претставници на невладини организации. Врз основа на тоа ќе иницира заеднички состанок со Владата. Целта е, нагласи, секој во својот домен да ја испрати клучната порака до граѓаните – дека само придржување до мерките значи побрз крај на коронакризата.

Според Филипче, во овој момент нема индикација за воведување дополнителна мерка која би значела рестрикција во движењето. Изминатите неколку дена факторот на пренос на КОВИД-19 е под единица и ако така остане, бројот на пациенти ќе се намали.

Одговорајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата, министерот рече дека и покрај вториот бран кој е со поголем интензитет од првиот, ситуацијата добро се менаџира, а здравствениот систем има капацитет да ги прими сите пациенти. Располага со доволно болнички кревети и со доволно кадар – лекари и медицински сестри.

-Еден од главните критериуми врз на кои се проценува дали и какви мерки треба да се воведат е капацитетот на здравствениот систем – број на слободни болнички кревети и кадар, што ние засега добро го менаџираме. Има сосема доволно и кревети и лекари и медицински сестри. Не постои друг принцип врз основа на кој би се вовеле некакви мерки, освен овие на кои се темелат и нашите политики и препораки, подвлече Филипче.

Тој предупреди и дека доаѓаат есенските месеци кога луѓето повеќе ќе бидат во затворено и ќе почнат да работат школите.

-Тоа се сериозни ризик фактори и може да биде сериозен предизвик за здравствениот систем, многу поголем и од првиот и од вториот бран. Мора да сме свесни дека сите сме заедно во овој процес. Здравствениот систем сега е многу поспремен од почетокот на кризата, но не е целта да се зафатат сите кревети, туку да се спречи вирусот, потенцира Филипче.

Министерот и во оваа прилика укажа дека епидемиолозите и инспекторите се соочуваат со проблемот во однос на достава на решенија и лажни податоци кои ги даваат позитивните контакти. Тоа е еден од суштинките работи, рече, сите контакти на заболените да бидат ставени во изолација.

Хотелите кои досега служеа за државен карантин, веќе нема да се користат, а пациентите што беа таму згрижени ќе заминат на домашно лекување.

За пациентот од Ресен што почина вчера од коронавирус и покрај тоа што беше третиран со крвна плазма, рече дека треба да се направи увид во медицинската документација. Сепак, напомена, тоа е уште еден доказ дека болеста не поштедува никој и дека има смртен исход и кај помлади пациенти.