Власта пред избори ја интензивира и изградбата на здравствената инфраструктура во земјава и најавува 10 монтажни амбуланти во повеќе места за 7-8 месеци. Во предизборниот период „се гради“ повеќе отколку во цел мандат на власта.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска беше на увид во градежните активности на новата амбуланта во Бутел. Објектот ќе биде енергетски ефикасен, а распоредот внатре е согласно новите ковид стандарди, со чекални во кои нема да се создаваат гужви. Во амбулантата ќе има и лабораторија.
Концептот, како што изјави, е направен за да има помала веројатност пациентот да биде препраќан од едно на друго место на лекување.
– Водевме сметка за сите аспекти. Прво, во однос на инфраструктурата, да биде енергетски ефикасен модел, понатаму распоредот внатре да биде согласно новите ковид-стандарди, со чекални коишто одговараат да нема гужви. Соодветно да биде уреден и партнерниот дел. На влезот ќе има парк, клупи каде што ќе можат луѓето да седнат. И сето тоа во едно добро смислен стратешки концепт за подобрување на услугата во делот на примарната здравствена заштита, изјави Филипче.
Посочи дека се прави увид на амбулантите на територија на град Скопје и оти се врши замена на сите амбуланти и поликлиники коишто се стари. Опфатени се 10 објекти.
– Приоритет согласно состојбата дадовме тука во Бутел, во исто време паралелно и во Ново Лисиче. Продолжуваме во Ѓорче Петров и понатаму во следните циклуси во Влае, во Карпош, во Автокоманда, во Аеродром и за првпат населбата Кисела Вода добива еден нов објект каде што ќе бидат сместени лекари за граѓаните од таа населба, рече Филипче.
Локацијата на споментатите амбуланти нема да се менува, освен во Кисела Вода.
Прашан зошто во случајот со амбулантата во Бутел се оди на монтажна варијанта, Филипче рече дека тој модел се покажал како добар и оти на тој принцип се изградени и ковид одделенијата во земјава.
– Моделот е брз и ефикасен. Не постои друг модел за којшто 10 објекти ќе се направат за помалку од седум или осум месеци. Не може граѓаните веќе да чекаат и не е фер да чекаат нешто што навистина заслужуваат да го имаат. Градбите цврсти траат многу долго, многу се поскапи од ова, а ова се и енергетски ефикасни модели, рече Филипче.
За време на градежните активности на амбулантите, како што посочи, нема да има застој во работата на лекарите.
– Им обезбедивме место на сите лекари на кои им е потребна ординација, за да нема застој во работата. Им укажавме кога е почетокот, колку ќе трае. Можам да кажам дека беа многу задоволни заради тоа што за првпат после толку години ќе работат во сосема модерни услови. Нема каснење. Роковите се 60 дена, консикутивно за трите групи на објекти. Што значи дека еден месец е сега поминат, започнавме на почетокот на август, на крајот на септември треба да се завршат сите објекти, подвлече Филипче.
За амбулантата во Сарај, рече дека би требало да биде завршена до крајот на годината.