Од денеска почнуваат со работа модуларната болница до Клиниката за инфективни болести, инфективното одделение во ГОБ „8 Септември“, еден дополнителен тријажен центар на Институтот за ТБЦ и два тријажни центри во рамките на Здравствениот дом, веројатно тоа ќе бидат поликлиниките „Јане Сандански“ и Ѓорче Петров. Направен е распоред на лекарите и согласно тој систем на постојана комуникација која ја имаме ќе бидат препраќани пациентите со цел да им се даде соодветно болничко лекување.
Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој посочи дека евидентно е дека и понатаму расте бројот на новодијагностицирани случаи со Ковид-19, а се зголемува и бројот на пациенти на кои им е потребна хоспитализација.
– Најголем притисок има во болниците во Тетово и во Гостивар, во Струга исто така се засилува. Во Тетово се хоспитализирани 90 пациенти, во Гостивар 70 пациенти, нивните интерни инфективни одделнија се со исполнет капацитет и имаат простор за уште неколку дополнително делови од одделенијата. Болницата во Лешок е полна со пациенти на кои им е потребен прием и согласно тоа утрово направивме координација во однос на тоа каде да се праќаат пациентите. Викендов имаше голем притисок како од тие градови, така и тука од Скопје во однос на Клиниката за инфективни болести и Институтот за тубекулоза, и тие капациетти се целосно исполнети, рече Филипче.
Потенцира дека вакцинацијата добро се одвива после најавените мерки, што, според него, е добар сигнал.
– Верувам дека истите трендови ќе продолжат. Минатата недела имаше денови кога достигнавме до бројка и до 8000 граѓани кои се пријавија да примат прва доза вакцина. Некаде 50 000 вакцини се дадени минатата недела, верувам дека тој тренд ќе продолжи за да со забрзано темпо се зголемува опфатот со вакцинација, која изнесува 35 проценти на територијата на целата држава. Процентот на вакцинирано население над 70 години од 63 порасна на 70 проценти и на граѓаните над 50 години од 45 до околу 50 проценти. Гледаме дека има голем број пациенти во градовите каде опфатот со вакцинација е понизок. Градовите каде има висок процент на вакцинирани се Охрид, Битола, Штип, нема пациенти со болниците, што верувам дека и натаму ќе остане така, истакна Филипче.
Додаде дека досега се вакцинирани 4000 деца на возраст до 18 години во сите возрасни категории, а најмногу се вакцинираат на возраст од 16, 17 и 18 години.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека имаат обезбедено доволен број болнички кревети и дотур на кислород до нив.
– Сите овие пациенти кои ги спомнуваме, бројките кои ги кажуваме значи дека тие се згрижени како што треба, дека имаат пристап до кислородна и друга терапија која им е потребна. Многу е тешко да се каже дали овој бран и овој делта сој очигледно доминантен сега ќе ги прати карактеристиките на претходниот бран, дали ќе продолжи да расте или за пократко време ќе изгори што би рекле епидемиолозите, тоа сега никој не може да го претпостави. Но, ние сме подготвени и тука во Скопје со капацитити, имаме и резерви, тоа е болницата за рехабилитација во Козле која има близу 200 кревети, сега нема никој сместено таму и за таму обезбедивме кадар, кој е на стенд бај од сите клиники во Скопје. Мислам дека и овој бран ќе го изменаџираме како и претходните, додаде Филипче.
Филиче: Трета доза ќе им се дава на лица имуно-компромитирани
Од Комитетот за имунизација стигна препорака лицата кои се имуно-компромитирани да примат трета доза на вакцина, според препораката на ЦДЦ и здравствените институции во САД, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека во текот на неделата ќе стартува и тој процес.
Тој појасни дека со трета доза ќе бидат вакцинирани пациенти на кои им била извршена трансплантација, оние со хронична дијализа и други лица со имуно-дефицитарни, согласно дијагнозата.
– Процесот на вакцинација се одвива добро по најавените мерки, што е добар сигнал и верувам дека тој тренд ќе продолжи. Минатата недела имаше денови кога достигнавме бројка од 8.000 граѓани кои се пријавија да примат прва доза вакцина. Околу 50.000 вакцини се дадени претходната седмица, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Тој очекува таквото забрзано темпо на имунизација ќе продолжи и што поскоро да се стигне до колективен имунитет.
– Опфатот на вакцинирано население изнесува околу 35 проценти. Процентот на вакцинирани граѓани над 70 години, порасна од 63 на 70. На населението над 50 години, процентот од 45 сега е речиси 50, што е добар знак за оваа категорија граѓани. Гледаме дека во градовите каде што опфатот со вакцинација е висок, на пример Охрид, Битола, Штип, нема пациенти во болниците. Досега се вакцинирани околу 4.000 деца до 18 години. Најмногу се вакцинираат повозрасните, односно 16, 17 и 18 годишни, соопшти Филипче.
Министерот потенцира дека вакцинирањето е единствениот начин да се стави крај на пандемијата.
-Ние сме сведоци сега и во нашата земја што се случува во градовите каде е низок процентот на имунизирани. Јасно е дека вакцините се безбедни. Од дадени милион дози, немаме никаква посериозна компликација. Исклучително мал број во промили на лица кои биле вакцинирани, а кои се заразиле со коронавирусот. За 20 пати се намалува ризикот од смртен исход. Веројатно и во иднина ќе се соочуваме со нови соеви, и повторно вакцинацијата ќе биде начинот да се бориме со пандемијата, рече Филипче.
Во однос на лицата кои, според најавите, треба да дојдат од Авганистан, Филипче рече дека за нив ќе биде препорачана вакцинацијата.