Има доволна количина на тестови, близу 1.500 во овој момент, а има најава и за донација од илјада тестови и наша набавка за уште илјада која треба да заврши во текот на оваа недела, изјави министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
– Имаме информација дека нашата земја може да смета на количина од илјада тестови неделно заради тоа што побарувачката во моментот во сите земји е голема, рече Филипче.
Во однос на тоа дека здравствена установа од внатрешноста се жали на недостиг на заштитни маски и ракавици, Филипче рече дека до него не стигнала ваква информација.
– Редовно комуницираме со сите јавни здравствени установи и тие во рамки на својата организациона поставеност имаат направено реорганизација, рече Филипче, додавајќи дека може да ја проверат која било јавна здравствена установа.
Додаде дека болницата во Дебар со сигурност е опремена, а таму денеска попладне ќе биде испратен и пулмолог од Клиниката за пулмологија. Во однос на тоа дали ќе бидат испратени респиратори во Дебар, Филипче рече дека оценката е оти во овој момент нема потреба болницата во овој град да се опреми со одделение за интензивна нега бидејќи таму нема соодветна експертиза.
– За да постои одделение за интензивна нега со респиратори, треба да има и кадар така што оценката е дека нема потреба болницата во Дебар да се опреми со вакво одделение затоа што нема соодветна експертиза, а може соодветно и подготвена за тоа е Службата за итна помош која може да даде респираторна поддршка до Инфективната клиника во Скопје, рече Филипче.
Уште еднаш нагласи дека многу голем дел на успехот во оваа борба против вирусот е и во рацете на граѓаните кои имаат клучна улога.