„Стопанска банка“ АД – Скопје соопшти дека со Министерството за здравство денеска потпишала Договор за донација на апарат за механичка вентилација –респиратор наменета за скопската Клиника за инфективни болести.

– Опремата во консултација со Министерството за здравство беше посочена како неопходна за третирање на заболените од Ковид-19 кои покажуваат потешки симптоми на болеста. Банката го исплати износот за набавка и испорака кон добавувачот, кој прави максимални напори апаратот да пристигне деновиве, по што ќе биде предаден на располагање на Министерството и Клиниката, се наведува во соопштението на „Стопанска банка“.

Банката изразува надеж дека донацијата ќе помогне во овој заеднички предизвик и дека сите граѓани со разумно и совесно однесување ќе придонесат кон побрзо и полесно надминување на состојбата.

– Пандемијата на Ковид-19, новиот корона вирус, предизвикува нестандарден притисок врз здравствениот систем и здравствените работници. Оттука, најголема поддршка е потребна токму за нив и нивната пожртвуваност во грижата за заболените и спречување на ширењето на болеста, се истакнува во соопштението на „Стопанска банка“.