Значително ќе се зајакне начинот на кој се обезбедуваат термините за преглед во рамки на системот „Мој термин“, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање.
Појасни дека секоја недела имаат координативни состаноци со директорите на клиниките посебно таму каде е најголем притисокот за термини, а тоа се Клиниката за радиологија и некои клиники каде се закажуваат процедури со еднодневно лежење во болница, како што се мали хирушки интервенции…
– Тоа што можеме да го направиме е во рамки на капацитетот со кој располага секоја од тие институции поединечно заради тоа што се различни проблемите кои го намалуваат вкупниот број термини. Некои немаат доволен број лекари, има лекари кои се на боледување или на породилно отсуство и тоа е еден од најголемите проблеми. Сега се прави максимумот, таму каде нема доктори се прераспределуваат постојните. Можноста да се преоптоварат машините и да се создаде дисфункција е проблем со кој се соочува Клиниката за рдиологија, рече Филипче.
Додаде дека Клиниката за радиологија работи со максимален капацитет, се планира и продолжување на смените во една од институциите во Скопје, како што тоа го направиле со Битолската болница, односно да има термини и во вечерните часови до кога е можно и физиолошки за пациентите.
Директорката на Клиниката за детски болести, Катерина Ставриќ рече дека „Мој термин“ е добра форма за пациентите и за докторите, за да може докторот да му посвети доволно внимание на пациентот и пациентите да не чекаат подолго време.
– Има простор за подобрување. Треба малку порестриктивно закажување од страна на матичните лекари во „Мој термин“. Навистина прават непотребно оптоварување на лекарите. И ние се соочуваме со недостиг на специјалисти, субспецијалисти. Редовните закажувања не се проблем, проблем се приоритетните прегледи, рече Ставриќ и додаде дека една докторка од Клиниката си заминала и отишла да работи во приватна здравствена установа, а друга најавила дека ќе си замине.