Ниту 600 евра сега не се доволно за граѓаните да ја надминат оваа криза, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма. Филипче укажа дека од сегашните ценовни шокови особено се погодени социјално ранливите категории на граѓани, најниско платените работници, пензионерите со најниски пензии, многудетните семејства, се вели во соопштението на СДСМ, што МИА го пренесува интегрално.

„Треба да се најде механизам да им се помогне на граѓаните. 400 евра беше ниска минимална плата, не можеа крај со крај да врзат граѓаните и пред кризата да почне и пред да се зголеми за 34% литар гориво, а не па сега, сега ни 600 евра не се доволно да се надмине кризата. Граѓаните сакаат да видат дека владата води грижа за нив, чекаат мерки, а не измислување на изговори“, рече Филипче.

Притоа, Филипче посочи дека уште кога  СДСМ го даде предлогот за 600 евра минимална плата, јасно кажа од каде треба да се обезбедат средствата, од кои буџетски ставки да се крати.

„Кога го дадовме предлогот за зголемување на минималната плата на 600 евра, кажавме од каде треба да се земат пари. Точно кажавме од кои ставки треба да се скрати, тоа се две ставки кои што се однесуваат само на луксузирање на оваа влада за да се зголеми платата и ја направивме пресметката. Има две ставки во буџетот од кои што може да се намалат пари за да се зголеми минималната плата“, нагласи Филипче.

Сите демократски столбови на државата се минирани од актуелната власт

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека демократските столбови на државата се минирани од актуелната власт, која има целосна контрола над судството и обвинителството, а роднини и пријатели се поставуваат на клучни позиции како обвинители и судии.

„Нашите предлози никој не ги прифаќал од власта. Таква е ситуацијата во парламентот. Се поставува прашањето како треба да се однесува една ваква власт која има огромно мнозинство во парламентот. Дали треба да се партизира се по секоја основа? Првите работи што ги направија беа да ги сменат независните комисии со промена на закони. Има млитава Комисија за спречување на корупција, сега има најава за поставување на луѓе блиски лично до премиерот како директор на МРТВ. Имаме резолуции во парламентот кои го ограничуваат тоа што позицијата може да зборува. Замислете како демократските основни столбови во државата се практично минирани од оваа власт, која нема друго објаснување освен дека има апсолутистички манири на владеење“, додаде Филипче.

Тој нагласи дека процесот на партизација се одвива континуирано, откако ДПМНЕ е на власт.

„Тоа беше уште во 2024 година. Ги партизираат сите институции, поставуваат несоодветни луѓе на највисоките позиции во безбедносните служби, со сомнителни сертификати, злоупотребуваат механизми на полицијата. За време на изборите во 2025 година, видовме целосна партизација на институциите, неспроведување на реформите во ниту еден сектор, а во некои сектори делумно, и тоа не по препораките на Европската унија“, појасни Филипче.

СДСМ