Здравствените власти во земјава сметаат дека учениците можат да се вратат во училиштата од септември, а за две недели целосно ќе бидат завршени протоколите за новата учебна година. Ресорниот министер Венко Филипче уверува дека протоколите за учебната година се речиси готови.
– Има уште некои технички детали, на кои работи работната група, во која членуваат претставници од МОН и епидемиолози од Комисијата за заразни болести. Планирано е да присуствуваат сите деца, 100 проценти од вкупниот број во класовите. Така се подготвуваат и протоколите. Мерките се: дезинфекција, често проветрување на училниците, немешање на различни класови. Протоколите ќе бидат целосно завршени за две недели, изјави Филипче. Соопшти дека со пристигнувањето на големата количина вакцини викендов, се планира имунизација и на сите наставници.
Министерот Филипче вели дека одлуката на Бирото за развој на образованието да не се делат сега свидетелства на учениците оти нема услови, не е донесена во координација со Министерството.
– Свидетелствата можат да се делат во дворовите. Се што може да се организира надворешни услови, може да се направи, смета Филипче.
Премиерот Зоран Заев смета дека вакцинацијата во земјава добро се одвива. Тој очекува до 20 јули 500.000 граѓани да бидат имунизирани со две вакцини, а до 1 септември преку 600.000 граѓани или повеќе од 50 отсто.
Во вчерашното интервју на ТВ Телма најави дека во петок треба да пристигнат уште 100.000 „Фајзер“, а во недела со два чартер лета по 250.000 „Синовак“ што е вкупно 600.000 вакцини. Од понеделник, напомена премиерот, сите 180.000 граѓани кои се пријавени, ќе примаат вакцини.
-Вакцинацијата во земјава добро се одвива имајќи предвид дека таргетот е 1,2 милиона граѓани, но ако ги изземете децата и лицата кои не смеат да примат вакцина, да постигнеме некој таргет од 70 отсто, а до сега имаме околу 480.000 вакцини. Мислам дека ќе стигнеме до 20 јули 500.000 граѓани да се имунизираат со две вакцини. Тоа ни е сериозен таргет и сигурно уште 300.000 ќе бидат со една вакцина и ќе чекаат втора. Верувавм дека таргетите кои се поставени до 1 септември ќе ги исполниме за да постигнеме преку 50 отсто или преку 600.000 граѓани да бидат вакцинирани или преку 70 отсто, рече Заев и најави дека Владата ќе почне кампањи за максимизирање на бројките.
Во однос на индискиот сој на вирусот, можно е тој да ја смени епидемиолошката слика, но според здравствените власти, вакцинираните, коишто
Податоците што ги објави вчера Министерството за здравство за претходните 24 часа покажуваат дека продолжува трендот со мал број заразени со коронавирусот. Од направени 2.466 тестирања, регистрирани се пет нови случаи на КОВИД-19. Регистрирани се осум оздравени пациенти и едно починато лице во болнички услови. Бројот на активни случаи изнесува 251.
Според епидемиолошки анализи, во Скопје има вкупно 92 активни случаи, Куманово – 34, Тетово – 24, Прилеп – 22, Охрид и Кичево по 16… Без активни случаи се Кавадарци, Неготино, Свети Николе, Ресен, Берово, Пробиштип, Валандово, Богданци, Демир Капија, Пехчево, Македонска Каменица и Дојран.
Досега во земјата се направени вкупно 861.692 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.645, бројката на оздравени пациенти е 149.916, на починати е 5.478.
Од Министерството за здравство информираат дека досега во државата вкупно се аплицирани 488.010 дози вакцини, а ревакцинирани се 206.163 граѓани. Со последните бројки, како што велат, 51 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 45 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 38 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Од ресорното Министерство велат дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 458.040 граѓани.
Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk, а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.
Според здравствените власти, за да се постигне колективен имунитет потребно е да се вакцинирани 60 до 70 проценти од населението. Во пресметката не се внесуваат оние 150 илјади граѓани кои го прележале вирусот оти не се знае дали некои од тие се вакцинирани, ниту пак колкав е точно нивниот број.
Во светски рамки, пак, вакцините против Ковид-19, развиени од „Фајзер“/ „БиоНТек“ и „АстраЗенека“, генерално се ефикасни против делта и капа варијантите на коронавирусот, што првпат беа идентификувани во Индија, покажа најновото научно истражување на Универзитетот Оксфорд, објавено во списанието „Цел“.
Германската канцеларка Ангела Меркел вчера побара и другите европски земји да бараат карантин за патници од земји со високо ниво на делта сојот на коронавирус, како што е Велика Британија. Германскиот институт за економски истражувања Ифо во неделата предупреди дека делта мутацијата може да предизвика сериозна штета на економијата поради повторниот раст на бројот на новоинфицирани.
Досега три милиони и 884.538 луѓе починаа од коронавирус во светот, додека 179 милиони и 71.540 се инфицирани, објавија вчера западните медиуми. Бројот на официјално заразени лица не го одразува реалниот број на инфицирани, бидејќи многу земји тестираат само пациенти на кои им е потребно болничко лекување. САД се најсериозно погодената земја, според бројот на починати и заразени, со 602.462 смртни случаја и 33.565.294 инфицирани.