Министерот за здравство Венко Филипче денеска на прес-конференција информираше дека во изминатите 24 часа како последица на коронавирусот починале шест лица, 42 се излечени, а потврдени се 54 нови случаи.
Тој информираше дека со коронавиирусот е заболен еден лаборант од Универзитетска клиника за Детски болести, како и дека е завршена постапката за набавка на респиратори и дека првите седум од 31, треба да пристигнат во земјата за седум дена додека останатите во текот на следните 30 дена.
Филипче рече дека вработениот на Детската клиника користел целосно заштитна опрема и дека и покрај тоа во изолација се ставени лицата кои работеле непосредно со него односно четворица од 18. Според него, лаборантот немал контакти со пациенти. Побара време да се заврши анкетата до утре, а потоа да даде дополнителни ифнормации. Исто така рече дека ќе провери дали е точна информацијата дека лаборантот заболел од коронавирус од мајка во болницата била со своето дете.
Во однос на набавката на респираторите, тој рече дека завршила постапката за набавката на респиратори и оти од девет пријавени економски оператори две ги задоволувале критериумите.Ќе бидат набавени 31 респиратор од кој седум треба да пристигнат за седум дена, а останатите во текот на следните 30 дена.
Стабилна е состојбата со двете мали деца заболени со коронавирус, четиримесечното бебе и 2,5 годишното детенце.
Во Дебар и околината ќе се прави анализа и ќе се спроведуваат тестови со антитела за да се види во каква состојба е населението таму и евентуално стекнување имунитет.
Министерот Филипче исто така информираше дека вчера е направен уште еден увид на лице место во Велес, за двајцата починати. Земени се дополнителни примероци и ќе се направи дополнителен извештај.
Најави дека на утрешната седница ќе се разгледува барањето на родителите на децата со аутизам да се дозволи прошетка на овие деца за време на полицискиот час.
Филипче соопшти дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје починаа четири пациенти на возраст над 60 години, од кои двајца пациенти од Лабуништа, еден пациент од Прилеп и еден од Куманово. Во Болницата „8 Септември“ починаа две лица, пациент од Велес (67) и пациент од Куманово (59г). Во изминатите 24 часа се потврдени 54 нови случаи на Ковид-19 и тоа во Скопје-13, Куманово -25, Штип -1, Прилеп -10, Тетово -1, Велес -2, Гостивар -1, Кичево -1.
Оздравени се 42 пациенти. Со два негативни теста и во добра општа состојба од Инфективната клиника се испишани 10 оздравени пациенти, а регистрирани се и 32 оздравени пациенти 12 од Дебар и 20 од Скопје кои се лекуваа во домашни услови.
– Оваа информација не радува, мене и здравствените работници особено кога се справуваме со високоризична болест, рече министерот за здравство.
Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 се 908 лица. Според местото на живеење, досега се регистрирани во: Скопје – 329, Куманово – 236, Дебар – 49, Штип-28, Прилеп –85,Тетово – 38, Струга – 43, Велес – 34, Битола – 9, Охрид –4, Кавадарци – 3, Гостивар –9, Гевглелија – 4, Струмица – 2, Крива Паланка-3, Радовиш – 4, Крушево – 3, Кочани – 22, Пробиштип – 2 и во Кичево – 1 пациент.
На Клиниката за Инфективни болести хоспитализирани се 57 пациенти, од кои 7 на механичка вентилација, а 14 се на кислородна поддршка. Во болницата „8 Септември“ има 26 хоспитализирани болни од коронавирусот, од кои шестмина се на респиратор. Во битолската болница сместени се петмина заболени кои се во добра состојба, а кај тројца се прават првите контролни тестови. Во болницата во Штип има оссумина хоспитализирани со Ковид-19, а само еден е со среднотешка клиничка слика.
Во изминатото деноноќие направени се 710 теста. Преку ИЈЗ – 530, преку Ветеринарен факултет -18, Авицена – 20, Биотек – 24 и Филип Втори (Жан Митрев) – 118. Досега во земјата се направени вкупно 9.262 тестирања на Ковид -19.