Покрај тоа што мерките се маска, дистанца и дезинфекција, важно е да ја одржиме комуникацијата и да останеме поврзани, вели министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој во својата објава изразува задоволство поради тоа што денеска имал обраќање на младинскиот форум „Европски вредности за иднината на Југоисточна Европа“ во организација на млади од Крушево.
– Живееме во една од најсериозните здравствени кризи со кои се соочил светот. Мерките за заштита од Ковид-19 влијаат на менталното здравје, за што во рамките на Клиниката за психијатрија воспоставивме линии за психолошка поддршка. Покрај тоа што мерките се маска, дистанца и дезинфекција, важно е да ја одржиме комуникацијата и да останеме поврзани. Ми беше задоволство што денеска имав свое обраќање на Меѓународната младинска конференција „Европски вредности за иднината на Југоисточна Европа“ во организација на Младински Сојуз Крушево. Темата на пленарната сесија беше „Солидарност во криза: Човекот над КОВИД-19“, пред 80 млади учесници од 16 земји од Југоисточна Европа, објави Филипче на својот профил на Фејсбук.
Како што објавивме, и денеска бројот на нозозаразени е голем и изнесува 1.275 и има 13 починати од ковид.
Филипче и други експерти предвидуваа дека отприлика толкав ќе биде вкупниот број на заразени од пандемијата во Македонија, од 1.500 до 2.000. Тоа беше пред само неколку месеци, кога се снимаа спотови со „министерот како Супермен“, а дел од граѓаните му аплаудираа од терасите.