Лидерот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференција во одговор на новинарско прашање рече дека нема да ги поддржат измените на Законот за прекршоци за системот „Безбеден град“, бидејќи, според него, не е јасно укажано како ќе се контролира огромната база на податоци

-Во однос на системот „Безбеден град“ и Законот за прекршоци, ние тој закон нема да го поддржиме. Ние не сме против безбедноста во сообраќајот, доказ за тоа е што сме го почнале. Меѓутоа не можеме да дозволиме системот парцијално да се имплементира. Освен тоа што сме за безбедност во сообраќајот, ние сме и за безбедност и на податоците, што повторно власта ниту го коментира, ниту се обидува да го ргулира. Седнаа на маса на лидерската средба, се договорија, ќе видиме што е друг резултат-договор од тој „пазар“ – рече Филипче.

Истакна дека СДСМ е конструктивна опозиција, но, како што кажа, „не сме контролирана опозиција и нема да си дозволиме да поддржиме закон во кој сериозни аспекти не се регулирани, а тоа е огромната база на податоци за којашто никој во законот не укажува како ќе се контролира“.

Во одговор на новинарско прашање во однос на членови на СДСМ во Државната изборна комисија, тој потврди дека за претседател го предложиле Бојан Маричиќ, а за член досегашниот претседател Борис Кондарков.

– Мислам дека се докажани професионалци, правници, имаат огромно искуство и добро ќе ја извршуваат својата работа. рече Филипче одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција.