Министерот за здравство Венко Филипче денеска ги повика надлежните веднаш да реагираат и соодветно да ги санкционираат одговорните за еклатантното прекршување на протоколите на концертот на Петар Грашо во Хераклеа во Битола.
Тој на својот фејсбук профил појасни дека заедно со Комисијата за заразни болести имал средби со организаторите на настани каде ги утврдиле усвоените протоколи, според кои настаните се одржуваат единствено на отворено, со максимум 50 отсто публика од предвидениот капацитет.
-Не можам да го премолчам еклатантното прекршување на протоколите на концертот на Петар Грашо во Хераклеа во Битола. Комисијата за заразни болести и јас лично во текот на јуни имав неколку средби со организаторите на настани на кои заедно ги утврдивме сега веќе усвоените протоколи, а според кои меѓу другото, настаните се одржуваат единствено на отворено, со максимум 50% публика од предвидениот капацитет, задолжителна дистанца меѓу посетителите од 1,5 м, задолжително носење на маска и дезинфекција на раце и мерење на температура на влез за секој посетител, напиша Филипче.
Организаторот на настанот, според министерот, е должен да обезбеди задолжително присуство на редарска служба која ќе го контролира спроведувањето на протоколите и наведените мерки, со право да го отстрани секој посетител кој истите нема да ги почитува.
-Грижата за колективното здравје е заедничка одговорност, која во овој случај треба да ја понесе организаторот на настанот. Ги повикувам надлежните веднаш да реагираат и соодветно да ги санкционираат одговорните, пишува Филипче на фејсбук.