Во текот на изминатото деноноќие нема нови тестирани за коронавирусот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
– Состојбата на пациентката со коронавирус која е хоспитализирана на Клиниката е стабилна. Нејзиниот контролен тест е негативен, но за тоа да се потврди треба да поминат 24 до 48 часа. Тоа ќе го направиме согласно препораките и проценката на клиничката состојба и параметрите денеска или во текот на утрешниот ден по што ќе ја информиравме јавноста. Тоа значи дека доколку контролниот тест е негативен, таа повеќе не е инфективна, значи не може да ја пренесе болеста, истакна денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Посочи дека денеска во 13:30 Владата ќе одржи седница на која ќе дискутираат за предлог на Министерството за здравство за продолжување на препораката за неодржување големи масовни јавни собири и одржување спортски натпревари без публика.
Тој рече дека двајца странци со симптоми слични на грип, вчера се тестирани, нивните тестови се негативни, прегледани се на Клиниката за инфективни болести, дадена им е соодветна терапија за нивната здравствена состојба и се пуштени.
– Од вчера попладне со помош на мобилните оператори сите странци кои доаѓаат во државава добиваат тестуална СМС порака во која стои дека доколку почувствуваат за време на престојот некакви симпотоми слични на грип треба да се јават на телефонот на Институтот за јавно здравје. Тоа е една дополнителна мерка со информации како на флаерот кој странците го добиваат или го сликаат на граничните премини, рече Филипче.
Нагласи дека изутрината добиле информација од една наша туристичка агенција дека се очекува група од 20-тина туристи од Сингапур и од Јапонија преку Бугарија на граничниот премин Деве Баир да пристигнат во нашата земја. – Известен е локалниот центар за јавно здравје кој ќе го пречека автобусот. Тие патници ќе бидат детално интервјуирани, по потреба и прегледани. Тие доаѓаат од Романија, каде има веќе регистриран случај со коронавирус, истакна Филипче.
Тој го повтори апелот граѓаните да се придржуваат до мерката за одржување лична хигиена, темелно миење и дезинфекција на рацете, а воедно информираше дека дистрибуцијата на дезинфекциски средства низ училиштата веќе е почната.
– Вчера беа дистрибуирани количините во скопските училишта, а денес продолжува дистрибуцијата во другите училишта низ државата. Разговарав со нашиот конзул од Италија, тој е во моментот во нашата земја, меѓутоа има секојдневна комуникација со италијанските власти. Таму се размислува да се затвори уште еден регион на Пјаченца. Веројатно одлука ќе се донесе денеска или во текот на викендов. Се трудиме да направиме контакт со што повеќе наши граѓани за да не информираат однапред доколку планираат да дојдат во земјава. Во секој случај продолжуваат мерките и за секоја следна информација јавноста навремено ќе биде информирана, додаде Филипче.