Секојдневно има пет шест новозаболени од морбили, дел од нив се пуштаат на домашно лекување, а дел се задржуваат на лекување во Клиниката за инфективни болести, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на ЈЗУ Здравствен дом во Велес.
– Упативме апел и до другите инфективни одделенија каде има места, да бидат подготвени и да ги хоспитализираат тие пациенти. Воедно за тоа разговаравме и со директорот на Велешката општа болница. Нема начелно зголемување на бројот на случаи. Се уште расте бројот на вакцинираните деца и возрасни што е за поздравување и искрено се надевам дека оваа тенденција и понатаму ќе продолжи за епидемијата да заврши во што е можно пократко време, потенцира министерот Филипче.