Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека сериозно високиот процент невакцинирани деца е резултат на силно изразените антивакцинални кампањи.
– Во прво одделение околу 20 проценти од децата не се вакцинирани, што исто така сериозно не загрижува заради тоа што примовакцината која се прима прва на најмала возраст е таа која го создава вистинскиот имунитет. Веќе преземавме мерки и во рамки на тоа како сега е структуриран системот се упатува повик до сите родители чии деца не се вакцинирани, нагласи Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата на која потпиша Меморандум за соработка со израелскиот амбасадор Дан Оријан и со директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Депотовски, за зајакнување на здравствениот систем.
Министерот Филипче додаде дека мултисекторската група со членови од министерствата за здравство, труд и социјална политика и за образование заседаваше вчера и ќе продолжи да заседава до крајот на неделата, за усогласување на сите закони и правилници во врска со тоа прашање.