Оваа земја заслужува јасен пат, стабилност и достоинство. Заслужува политичари кои ќе решаваат проблеми, рече претседателиот на СДСМ Венко Филипче на синоќешното обраќање до прилепчани од салата на Центарот за култура „Марко Цепенков“ како дел од изборниот караван на СДСМ и коалицијата.
-Политичари кои нема да ги игнорираат криците на незадоволните туку политичари кои гради во гради ќе се соочат со проблемите, кои ќе наведнат глава пред граѓаните и ќе знаат кој ги избрал и кому му служат. Ние не ветуваме дека повеќе ќе ја сакаме државата, туку ние покажавме дека знаеме да се грижиме подобро. Немаат проекти, идеали, визија. Затоа измислуваат предавници, непријатели, куферчиња, приказни за мали деца, рече Филипче пред прилепчани.
Претседателот на СДСМ ја критикуваше актуелната власт која, како што рече, не направила ништо за земјоделците, кои не ги добиваат субвенциите кои им припаѓаат поради тоа што власта ги фаворизирала компаниите, а не поединците земјоделци.
-Со ВМРО-ДПМНЕ системот за субвенционирање е неправеден, се фаворизираат големите компании, а малите тутунари добиваат закочена или доцна исплата. Откупите не се спроведуваат според реалната проценка на количините на тутун, а дозволата за увоз на тутун го поткопува домашното производство, па многу производители остануваат неплатени или добиваат нецелосна вредност. ВМРО-ДПМНЕ направи многу штета, но убедливо најмногу штета направи на земјоделството лозарите, оризопроизводителите, градинарите, сточарите сите денес живеат полошо и без поддршка од државата, рече Филипче.
Венко Филипче од Прилеп порача дека нема да дебатира со предавник на социјалдемократската идеја, туку на дуели ќе биде со граѓаните, а во врска со повикот до него од лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски на ТВ дуел.
-Повикот што го испраќам одовде е повик за дуели. Повик до сите, и до тие што се разочарани, и до тие што молчат и до тие што чекаат. Време е да се исправиме и да ја вратиме државата во рацете на народот. Да се потсетиме зошто постои оваа држава. Да не дозволиме оние што се срамат од вистината, да ја пишуваат историјата. Нашата борба не е против некого, туку борба за нешто многу важно – за праведна држава, за достоинствен живот, за иднина во која младите ќе останат тука, во својот Прилеп, во својата Македонија. На 19 октомври да ја покажеме нашата сила, нашата љубов кон оваа земја. Да ја покажеме разликата помеѓу вистинските патриоти и евтината пропаганда, рече Филипче во Прилеп.
Промовирајќи ги кандидатите за советници и кандидатката за градоначалник, Петра Лукароска, Филипче рече дека нема да дозволат прилепчани да заборават како хаос и зголемени цени на услугите направила претходната локална власт во Прилеп, кога три години беше претседател на советот актуелниот кандидат за нов градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ.
Кандидатката за градоначалник Петра Лукароска најави повеќе проекти за развој на Прилеп.
-Две паркинг-платформи над градската реказа нови 100 паркинг места, рекреативен проект „Топташ скајлајн“, Младински центар, три нови велосипедски патеки, фотоволтаици на општинските објекти, реконструкција на старата чаршија, два кружни тека за решавање на сообраќајните проблеми се само делк од проектите за развојх на прилеп, рече Лукароска.
Беа претставени кандидатите за советници и носителката на советничката листа Драгица Николоска.
Фото: СДСМ