Од петок ќе почне вакцинација на деца над 12 години со „Фајзер“, чии родители/старатели од денеска до четврток ќе се пријават на веб-страницата vakcinacija.mk.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека откако ќе се види заинтересираноста со регистрирањето на сајтот, ќе се закажуваат термини за вакцина по распоред, бидејќи една вијала содржи шест дози.
– Затоа што вакцината на „Фајзер“ еднаш кога ќе се отвори, мора да се вакцинираат шест лица бидејќи во вијалата има шест дози и ако се јави едно или две деца, голем е ризикот одреден број вијали да се фрлат, а тоа не сакаме да се случи. Родителите ќе може до четврток да ги регистрираат децата и од петок ќе почне апликацијата на вакцините, рече Филипче по посетата на Поликлиниката во Шуто Оризари каде што е отворен нов пункт за вакцинација.
Министерот соопшти и дека ревакцинирањето со „Астра Зенека“ ќе биде на шест наместо на 12 недели како досега. Тоа е договорено на состанок со членови на Комитетот за имунизација. Но, и натаму оваа вакцина ќе им се дава само на повозрасни од 60 години.
– Во упатството има флексибилност, а тоа е од четири до 12 недели. Ние бевме многу внимателни чекајќи ги буквално сите публикации и искуства од другите земји во однос на тие првично регистрирани несакани ефекти. Како времето одминува и гледаме дека тој ризик е навистина минимален, се одлучуваме ревакцината да не биде четири недели, како што е во упатството, туку да биде шест недели, рече Филипче.