Претседателот на СДСМ Венко Филипче, на денешната прес-конференција ги критикуваше економските политики на Владата, при што вели, дека добива информации за се поголем број отпуштања на вработени од зоните со странски инвестиции, со што сериозо се загрозува егзистенцијата на илјадници семејства.

– Владата на премиерот Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ не само што не успеа да донесе нови странски инвестиции како што најавуваа, за жал се затвораат и тие кои што со години работеа тука кај нас. Веќе слушнавме дека две големи компании кои со години работеа во индустриските зони најавуваат ставање клуч на погоните во земјава. Компанијата Aptiv, која од 2016 година работи тука со 500 вработени, и Dura Automotive Systems која требаше да реализира тоа што веќе претходно го најави – нова инвестиција, но за жал сега не се случи. Значи нема проширување, нема места, оваа компанија најави стопирање на инвестицијата, рече Филипче.

Како што кажа Филипче, со овој негативен тренд односно од досегашните отпуштања и оние кои се во најава до крајот на годината, за околу 30% ќе биде намален бројот на вработени во зоните со странски инвестиции.

– Ова е огромна бројка и огромна загуба на работни места. Ако на ова се додаде и тоа дека десетици компании од сферата на текстилната индустрија наши домашни компании се затвораат изминатите месеци, стигнуваме со бројка на илјадници луѓе, семејство на кои што им е загрозена егзистенцијата, кои се соочуваат со неизвесност, рече Филипче.

Тој додаде дека секоја одговорна влада кога има ваков проблем мора да најде решение или барем предлог решенија за решавање на ваквите предизвици, но ВМРО-ДПМНЕ тоа не го прави и никако не го адресира, рече Филипче.

Со власта на премиерот Христијан Мицкоски, според него, државата доживува драматичен економски пад што, како што вели, „се гледа и во колапсот на странските инвестиции“.

– Откако премиерот заврши со сликање со нашите инвестиции, со китење со туѓи перја, сега дојде реалноста за неговата неспособност, имаме трипати помалку донесени странски инвестиции. Наместо стабилност, развој и економски раст, гледаме застој, пад и целосна незаинтересираност од страна на Владата, рече Филипче.

На прес-конференцијата, лидерот на опозициската партија зборуваше и за парите за ИПАРД. -Досега има склучени 453 договори во вредност од 35 милиони евра, од кои се исплатени само десет. Во моментот на 180 инвестиции вредни над 25 милиони евра се директно погодени уште 30 милиони евра од овие проекти се стопирани, рече Филипче. Според него, овој случај го потврдува тоа на што посочувале дека „оваа власт е длабоко корумпирана“. Ова, рече Филипче, оди на штета на земјоделците за кои, вели, има и ниски откупни цени и субвенции и оти тие биле под постојан притисок и корупција.

Според него, власта не бара решенија на овие проблеми туку се занимава само со СДСМ.

ФОТО: СДСМ