Полициски час по 21 часот нема ништо да промени бидејќи тогаш е прилично празно. Не работат угостителските објекти и забрането е групирање на јавни простори, оцени денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Групирањето во домашни услови, како што рече, останува како одреден ризик, иако има препорака собирите во домашни услови да не се случуваат.
– Затоа огромен дел од ефикасноста на мерките отпаѓа на свеста кај граѓаните дека мерките мора да се почитуваат, нагласи Филипче на прес-конференцијата во Владата.
Повтори дека мерките даваат резултати и оти во моментот не се размислува за воведување на дополнителни мерки.
– Во близу две третини од градовите има сериозно намалување на инциденцата во последните неколку недели. Остануваат критични Куманово, Штип, Прилеп, Битола и Скопје, рече Филипче.
Во однос на барањето на прилепскиот градоначалник за воведување на порестриктивни мерки во градот, Филипче за утре најави средба со раководството на Прилеп. Според моменталната епидемиолошка состојба таму, епидемиолозите сметаат дека засега нема потреба од такво нешто.
– Од анализите на бројките и трендовите може да се забележи дека епидемијата со Ковид-19 го достигна пикот пред една недела и од тогаш бројките се стабилизирани, се на ниво на едно плато и тоа ни укажува дека R0 факторот на преносливот е 1. Позитивно е што бројот на активни случаи се стабилизира, нешто што исто така се регистрира и во Европа, истакна денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Тој апелираше граѓаните да разберат дека во оваа состојба вирусот сигурно ќе опстане и практично е многу широко распространет.
– За секој еден од нас е ризик, мерките мора да се почитуваат. Очигледно е дека даваат резултати. Го немаме веќе оној нагл пораст на број на пациенти, ниту огромниот притисок кон болниците како што беше пред неколку недели. Тој притисок се уште постои, но не со таков интензитет, потенцира Филипче.
Посочи дека позитивни се вестите кои доаѓаат во однос на вакцините.
– Веќе има вакцини кои се во завршните фази. Очекуваме ковакс системот да профункционира кога ќе почне да ги даваат. Во координација сме во однос на системот на чување и дистрибуирање. Тоа е одлична вест која следната година веројатно ќе ја смени целокупната слика за пандемијата во светот и во таа насока ќе може да очекуваме и стабилизација, додаде Филипче.