Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска на прес-конференција изнесе серија обвинувања на адреса на СДСМ и нивниот претседател Венко Филипче, тврдејќи дека партијата е под влијание на лица со, како што рече, „контроверзно минато и сомнителни интереси“.
Манасиевски истакна дека Филипче, „по насока на Зоран Заев“, остварил средби со Милјан Шчекиќ во Ниш, како и со, како што го нарече, „куќниот пријател на Заев – Башановиќ“ во Грција.
„Како што си ги постави Ковачевски, па Филипче за претседатели на СДС, Зоран Заев си го постави и неговиот екс советник Башановиќ за шеф на ПР тимот во СДС, заедно со неговиот соработник Милјан Шчекиќ“, изјави Манасиевски.
Тој додаде дека, според нивните информации, токму овие лица стојат зад комуникациските стратегии на СДСМ.
„Односот кој Филипче и СДС го имаат спрема јавноста, напишани во соопштенија или изговорени на прес-конференции, е директно по насока на Башановиќ и Шчекиќ, односно луѓето кои Зоран Заев ги најми да му помогнат на СДС“, рече Манасиевски.
Во своето обраќање, тој упати и сериозни критики кон, како што наведе, улогата на Башановиќ.
„Станува збор за човек со контроверзно минато, избркан од сопствената партија и поврзан со сомнителни зделки во енергетиката, кој бил директно или индиректно вклучен и во процесите поврзани со промената на името на државата“, истакна Манасиевски.
Тој оцени дека ваквите, како што ги нарече, „ПР политики“ придонесуваат за пад на довербата кај граѓаните.
„Граѓаните се повеќе и повеќе не му веруваат на СДС и не му веруваат на Филипче. Веќе им е јасно кој стои зад овие лоши политики и кој ги води во пропаст“, рече Манасиевски.
На крајот, Манасиевски порача дека СДСМ „не извлекува поука од грешките“ и дека, според него, „продолжува да тоне во сопствената кал“.




