Венко Филипче тргна по стапките на Заев. Тој денеска пак е гостин на Алексис Ципрас, соиграчот на неговиот ментор Зоран, родум од Муртино, лик со кој го протуркаа и прифатија Преспанскиот договор, објавува Курир.
Филипче, директно од Кочани каде во потрага по евтини политички поени оддржа партиска трибина на која ја обвини ЕУ и Брисел дека лажат со податоците на ЕВРОСТАТ (кој е дел од ЕК Комисија за економија и податоци кои во јавноста само ги пренесе премиерот Мицкоски), негирајќи дека сме биле 4-та најбрзо растечка економија во Европа, замина на панел-дискусијата „Прогресивен одговор на кризата на демократијата“, која се одджува во рамките на втората Меѓународна конференција за демократија и социјална правда, организирана од кој друг ако не од Институтот „Алексис Ципрас“ во Атина.
За потсетување, една недела пред да биде избран за претседател на СДСМ, Филипче беше токму во Атина каде Зоран Заев лично го однесе на бендис кај Ципрас. За не/среќа на СДСМ и Македонија, Венко очигледно помина со одлична оценка кај Алексис, за да набргу потоа „победи“ на изборите во партијата и стане наследник на Заев. И негов чувар на тронот, велат – за да протестира ако ЗЗ го затворат за криминалите…
Тој во Атина го посочи примерот со Македонија, каде што, и покрај реалните вложувања и мерки за поддршка на работничките права, политиките наводно не допреле до гласачите поради уште понаводното влијание на некакви си хибридни инструменти што ги користеле авторитарните режими.
„Тоа е парадоксот – ова е групата граѓани за кои направивме најмногу. Го зголемивме минималецот, обезбедивме социјална поддршка, но тие не ги препознаа придобивките од нашата политика“, рече загрижениот за работниците Филипче, имател на златна виза за Дубаи за која морал да вложи минимум 550.000 евра во бизнис во ОАЕ.
Не кажа ништо во Атина за џипот од 180.000 евра нити за вмешаноста во аферата која ја обелодени ИРЛ за јагленот кој доаѓал токму од Грција, горел во Македонија, а парите завршувале во џебот на Вице заев и неговата фирма во Петрич, Бугарија, каде на иста адреса фирма имал и Филипче?!? Не кажа ни за припадниците на работнички семејства кои изгореа во модуларната болница во Тетово, ниту за стотиците работници болни од рак кои не ја добивале терапијата на Клиниката за Онкологија, ниту за илјадниците работници кои не ги добија навреме корона-вакцините, сето тоа во време на неговото министерување во владата на Заев, човекот кој, симптоматично, беше прв кој го однесе на „запознавање“ и бендис во Атина.
Како заклучок, Филипче посочи дека иако предизвиците се големи, постоел капацитет меѓу прогресивните сили да се здружат и да ги надминат опасностите што се закануваат на темелите на демократијата. Во превод, побара помош од Грција и Ципрас, повторно да му помогнат како што тоа го сторија за неговиот ментор Заев. Грција потроши милиони во кампањи во Македонија, за новинари и политичари, за да го протурка едностраниот Преспански договор, факт кој го обелоденија токму грчките медиуми.
Дали следна адреса на глобтротерот Филипче е Софија?