СДСМ во наредниот период ќе ги зајакне активностите кортистејќи ги сите расоложливи демократски механизми во борбата за европска Македонија – изјави денеска на прес-конференција лидерот на партијата, Венко Филипче.
Тој упати критики на вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека Владата нема да прифати уставни измени под услови што директно го засегаат македонскиот идентитет, а без јасна предвидливост и конечен исход на процесот.
– СДСМ и целата коалиција сме подготвени да се спротивставиме и силно ќе се спротивставиме и ќе ја водиме борбата за европска Македонија. Ве повикувам сите да се приклучите. Да се обединиме за идејата за напредна, европска Македонија. Против изолацијата, против криминалот и корупцијата. Да живееме во нормална држава, со европски плати и животен стандард, со нула корупција, земја во која младите ќе сакаат да останат. Јас нема да дозволам, СДСМ нема да дозволи, да ја снема оваа тема. Да ја снема желбата, да го снема сонот на нашите граѓани за Европа. Напротив, ќе се борам, ќе се бориме уште посилно и уште поодлучно. Борбата допрва почнува, ќе ја вратиме нашата држава на европскиот колосек, како што ја внесовме во НАТО, така ќе ја внесеме Македонија и во Европската Унија – рече Филипче.
Тој ги повика сите политички партии, граѓански организации, интелектуалци да се прилучат кон, како што рече, оваа заедничка борба.
Според Филипче, по вчерашната изјава на Мицкоски, станува јасно што се случува во Македонија, односно дека земјата се турка во изолација.
– Со Мицкоски и неговата организирана криминална група нема членство во Европската Унија. Значи, децении загарантирана сиромаштија, загубени генерации поради засилено иселување на младите, билет во еден правец за македонската младост. Значи, децении криминал и корупција, без никаква контрола. Значи, тонење во калта на Мицкоски и неговата криминална банда. Христијан Мицкоски со часовници од 60.000 евра, со бизнис-мрежа во тендерска групација, посакува децениска изолација. Бизнисменот Мицкоски може да чека. Ама напатениот народ и работниците, кои едвај врзуваат крај со крај, со ниски плати и високи цени, не може и не смее и нема да чекаат. За спас многу наши граѓани ќе бидат принудени, како тоа што веќе го прават, да вадат бугарски пасоши. Ќе останеме и без држава и без народ. Целта е тие да си делат криминални тендери, да грабаат народни пари, а народот да страда и да плати. И тоа така со децении. Се потврди тоа што го говоревме во изминатиот период дека Мицкоски ја турка земјата во изолација и работи за странски интереси преку српски, унгарски сè до руските интереси. Мицкоски е прокси-руски играч. ВМРО, организираната криминална група, е тројански коњ на поделбите на македонското национално ткиво – рече Филипче.
Тој истакна дека за македонскиот народ, членството во ЕУ значи интеграција како Македонци што говорат македонски јазик, рамноправни во големото европско семејство, а за сите граѓани, членството во ЕУ носи пари, пристапни фондови до 40 милијарди евра, поголеми плати, повисоки пензии, подобро образование, подобра инфраструктура, подобро здравство и, секако, правда.
– Немаме децении за губење. Тоа се нашите животи, тоа се животите на нашите деца и на нашите внуци. Македонија нема децении за губење. Оваа земја не е создадена да чека, да стои во место, да се плаши во неизвесност и да се затвора во изолација. Македонија е создадена да оди напред, да напредува, да биде слободна, демократска и европска земја. Македонија не е создадена за власта да ја краде, да го пљачка народот и да ја држи во неизвесност. Ова е прашање за иднината на државата – изјави Филипче.




