Министерот за здравство Венко Филипче смета дека техничкиот премиер Оливер Спасовски треба да се тестира за коронавирус, по настанот во Куманово, поради кој од минатата седмица се во изолација четворица членови на Владата.
Спасовски беше меѓу оние членови на Владата кои беа на состанок во Куманово, а следниот ден градоначалникот на оваа општина Максим Димитриевски објави на Фејсбук дека е позитивен на ковид-19.
Филипче денеска на онлајн прес-конференцијата рече дека членовите на Владата кои се во изолација биле во различен ризик за време на состанокот во Куманово. Но, засега сите се чувствуваат добро и немаат симптоми на вирусот.
Освен Филипче и Спасовски, во изолација се и вицепремиерот Бујар Османи и министерот за образование Арбер Адеми, кои беа на состанокот со Кризниот штаб во Куманово.
-Сите во Куманово бевме во различен ризик. Сметам дека премиерот треба да направи тест. Во текот на оваа недела ќе чекаме да поминат најмалку седум дена во изолација, а потоа ќе ги следиме препораките на епидемиолозите, согласно нашата здравствена состојба. Засега сите сме сите добро и без никакви симптоми, рече Филипче.