Точно се знае колку дози вакцини од Фајзер ќе пристигнат во февруари, колку во март и колку во април, но министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека од компанијата замолиле се уште да не се објавуваат детали.

Во изјава за медиумите дадена пред Ургентниот центар во Скопје, министерот Филипче рече дека изминатата недела имале интензивни телефонски разговори со компанијатаизрази уверување дека следува период на успешна имунизација во земјава.

– Од компанијата не замолија се уште да не се објавуваат дозите, иако точно знаеме колку дози треба да стигнат во февруари, колку во март и колку во април. Изминатата недела имавме во континуитет телефонски разговори, разменуваме маил со компанијата „Фајзер“ и мислам дека тоа е една политика која успеаја да ја имплементираат заради зголемување на дел од нивното производство, истакна Филипче, одговарајќи на новинарски прашања.

Во однос на големиот број медицински персонал, кој е пријавен за невработен, Филипче информираше дека делумно направената анализа покажува оти еден дел од тој медицински персонал е вработен во приватните здравствени установи, а дел е заминат во странство.

– Така што во никој случај не станува збор за толкава бројка на невработен медицински персонал, рече Филипче.