Министерот за здравство Венко Филипче денеска на прес-конференција во Владата изјави дека било кој настан, вклучувајќи ги и изборите, доколку е организиран според протоколите и препораките на Комисијата за заразни болести, не претставува ризик по граѓаните.
-Сè што ќе се одржи и ќе се придржуваат луѓето и организаторите до протоколите апсолутно не е ризик. Ние мора да научиме да живееме така. Така е во целиот свет. Во цел регион има пораст на случаите. Може ќе дадам една изјава, ќе ја кажам со резерва и може е преуранета, но мислам дека ние први изреагиравме, рече Филипче.
Истакна дека сите новодијагностицирани пациенти се последица на тоа што не се почитувале протоколите.
-Жално е што има организирано настани кај што се кршат сите препораки дадени од страна на Комисијата. Има епидемиолошка, но и медицинска логика зошто се тие дадени, нагласи Филипче.
Во однос тоа дали Комисијата за заразни болести одговорила на дополнителните прашања на Државната изборна комисија за заштита на граѓаните за време на избори и колку заштитни маски и средства за дезинфекција ќе треба да се набават, Филипче рече дека има доволно количини на заштитни средства и оти е одговорено на сите дополнителни прашања на ДИК. (МИА)