Има зголемување на бројот на заболени од Ковид-19 во државава. Во овој момент се уште траат испитувањата во лабораторијата во МАНУ. Во текот на вчерашниот ден имав разговори со претставници на лабораторијата од клиниката „Жан Митрев“, каде британскиот сој е присутен во 70 проценти. Очигледно е дека се зголемува бројот на заболени, а еден дел од ова зголемување на бројките се должи и на присуство на тој сој на вирусот, кој полесно се пренесува.
Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека зголемен е и бројот на пациенти кои се хоспитализираат, меѓутоа не до тој степен да ги загрозуваат болничките капацитети.
Посочи дека во дел од болниците ширум државата конкретно Кавадарци, Прилеп и Охрид има сосема доволен број слободни болнички капацитети.
– Конкретно во Скопје во овој момент слободни болнички кревети има на Инфективната клиника без Модуларната болница, меѓутоа значајно ослободен болнички простор има и на Интерните клиники кои сега нормално функционираат. Во кој било момент се подготвени сите овие капацитети да се вратат во оној претходен режим на работа кога сите лекари, сестри ротираа и сите интерни одделенија без наменети за третман на пациенти заболени од Ковид-19. Ние за тоа имаме секојдневна комуникација и утрово и во текот на вчерашниот ден со директорите на сите тие клиники, тие се свесни, знаат и очекуваат, рече Филипче одговарајќи на новинарски прашања по посетата на поликлиниката Букурешт по повод донација од Стопанска банка за Здравствениот дом во Скопје.
Во делот на мерките, тој потенцира дека дефинитивно е можно воведување дополнителни рестриктивни мерки, меѓутоа засега не.
– Гледаме и следиме дали овој тренд ќе продолжи на овој начин до тој степен да биде ризик повторно да се оптоварат болничките капацитети и поради тоа што засега нема таква индиција сметаме дека ова е нешто што сега засега добро се менаџира, но не ја исклучувам таа можност, додаде Филипче.