Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска на прес-конференција изјави дека споредено со кога било досега, земјите кандидати никогаш немале поголема поддршка за да станат земји-членки на Европската Унија, пред се поради геополитичките и геостратегиските поместувања што во моментов се случуваат низ светот, а особено во Европа, но како што додаде, поради политиките на премиерот Христијан Мицкоски земјава, останува настрана од тој процес.

-Во текот на вчерашниот ден и од Европската Унија стигна доказ дека ние не постоиме на европската агенда.  По најавата за така наречениот „супер вторник“, тоа е следниот вторник, на 14 јули, кога ќе се одржат повеќе меѓувладини конференции за четири земји, очигледно идните земји-членки, а сега кандидати за членство во ЕУ, со што ќе се отворат повеќе кластери и ќе се затворат повеќе поглавја.  Ќе се отворат кластери за преговори за Украина и за Молдавија, ќе се затворат повеќе поглавја, две односно три, за Црна Гора и Албанија.  Притоа, со конкретни чекори ЕУ кажува дека проширувањето е високо на листата на приоритети во нивната агенда. А притоа, и за време на последната посета на еврокомесарката Марта Кос, која јасно, гласно и недвосмислено кажа дека треба Македонија јасно да каже дали останува на европскиот пат, очигледно е дека, благодарение на премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, ние на тој пат повеќе не сме – истакна тој.

Според Филипче очигледно е дека сме заложници на личната немоќ на премиерот Мицкоски да се справи со ова најважно прашање за нашата иднина, за иднината на граѓаните на Македонија, а тоа е членството во Европската Унија.

-Заложници сме на неговата некапацитетност да изгради државна стратегија за тоа како ќе станеме земја-членка на Европската Унија. Заложници сме на лагите со кои тој дојде на власт и сега со истите лаги останува на власт. Тоа што не ни бега и што е очигледна иднина на оваа држава, која во овој момент ја води Христијан Мицкоски, е очигледната изолација. Кога има сè повеќе информации и официјални извештаи на Европскиот парламент кои укажуваат дека има силно руско влијание во регионот, дека има центри во Србија на разузнавачките руски служби кои влијаат на земјите во регионот и го поткопуваат нивниот суверенитет и го забавуваат пристапувањето во Европската Унија, очигледно е дека една од тие земји во кои овие активности имаат резултат е Македонија – изјави лидерот на СДСМ.

Тој додаде дека земјава останува надвор од сите европски текови, подложни на силно влијание на процеси кои му штетат на евроинтегративниот процес, под влијание на други земји кои немаат интерес регионот и Македонија да се интегрираат во Европа.

-Остануваме на страна од сите финансиски и економски текови кои, како поддршка, можат и доаѓаат од Европа за земјите што ги остваруваат реформите и се приклучуваат кон Европската Унија, како, на пример, Црна Гора, за која во следниот седумгодишен буџет на Европската Унија се предвидени над 3 милијарди евра неповратни средства, додека ние се задолжуваме во милијарди евра од непознати кинески извори, со кој знае колкави камати, кои ќе ги враќаат следните генерации – рече Филипче и додаде дека тоа ќе доведе до пад на странските инвестиции, пад на индустриското производство, стагнација на платите, на просечната и на минималната плата, стагнација на платите во здравството, во образованието, стагнација на примањата во социјалните трансфери, несигурност кај пензионерите.

Тој рече дека политичката изолација носи економско упропастување на земјата и дека блокадата на европската иднина ризикуваме да останеме последни во регионот.

-Ризикуваме да останеме слепо црево на Балканот, на Европа, земја од која младите единствено ќе мислат како да се иселат, поради тоа што нема да имаат можности тука и ќе сакаат да живеат и да работат во нормални, европски, развиени земји. Очигледно е дека сме заложници на Христијан Мицкоски и на неговата криминална група, за која единствено нешто за кое работи се нивните лични интереси – изјави Филипче.

Во врска со измените на Изборниот законик истакна дека е точно дека тиа се дел од Реформската агенда, но повтори дека нивниот став е дека измените во однос на гласањето на дијаспората како што ги предлага власта за нив се проблематични поради можноста од изборни измами.

Тој додаде дека власта вели дека ова за нив многу важно, меѓутоа не остапува, односно се става еден член во однос на начинот на гласањето на дијаспората, кој, како што рече, сериозно може да ја доведе во прашање легитимноста на кои било следни избори.

-Ние сме подготвени и секогаш ја поддржуваме европската агенда, но не по цена ВМРО-ДПМНЕ да протне механизам со кој што може утре да ги крадат изборите. Ако го тргнат членот што го менува досегашниот начин на гласање на дијаспората и да се согласат да се формира работна група што ќе предложи соодветен начин како да гласа дијаспората, но не со примери, какви што во Европа досега не функцуонирале и ниту една европска земја и поразвиените тоа не го сториле, еве да го дебатираме тоа, па во следниот период експертската работна група ќе анализира дали е потребно и на кој напин да се смени гласањето на дијапсората кај нас – додаде Филипче.

Нагласи дека може да се дебатира за електронско гласање или за гласање по пошта, но само врз основа на сериозна анализа и меѓународни искуства, а експертска група да утврди дали е потребна промена и како таа би изгледала во македонски услови.

Тоа е нашиот принципиелен став. Не блокираме без причина. За разлика од практиките што ВМРО-ДПМНЕ ги применуваше кога беше во опозиција, ние имаме конкретна и принципиелна забелешка. Изборни измами и изборни кражби нема да дозволиме. Ако власта смета дека е потребен поинаков модел, нека предложи друго решение. Важно е луѓето во дијаспората да можат полесно да гласаат, но не преку механизми што отвораат простор за злоупотреби – рече Филипче.

Според него Владата нема никаков интерес за воведување нови технологии во здравството, образованието или земјоделството, а бара нов модел на гласање за дијаспората.

-Зошто е тоа така? Зошто нема интерес државата да напредува, да тргнеме напред? Зошто Христијан Мицкоски, поради лични политички интереси, ја држи државата во место? Тој нема право да го прави тоа, нема ниту политичко, ниту морално право да ја држи земјава во место  додека целиот регион оди напред. Дури и да го најдеме најдобриот систем за електронско гласање, зарем не стравувате дека тој ден некој може да направи хакерски напад? Дали ќе биде лагодно, дали не ставаме терет на дијаспората, да ја изложува на таков ризик утре некој нив да им префрл дека изборите тука биле нелегитимни – рече Филипче и додаде дека вакви сериозни прашања не се решаат ад хок, пред се поради тоа што предложение измени би важеле од 2029 година.

Фото: Принтскрин