Економските политики на Владата ја водат државата кон растечка зависност од скапи кредити, без развој и без пари за зголемување на платите, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во изјава за медиумите дадена пред јавната дебата организирана од Фондацијата „Фридрих Еберт“.

– Сега се носи буџетот за следната година, потоа веќе многу брзиот ребаланс, што беше доказ за лошите економски политики. Нема пари за зголемување на платите во здравството, во образованието, во социјалата. Буџетот нема развојна компонента, немаше ни до сега – истакна Филипче.

Тој посочи дека сумата за отплата на камати достигнува рекордно ниво, а наталожените обврски на државата го загрозуваат работењето на компаниите.

– Никогаш ваква голема сума од речиси дваесет и пет милијарди денари не одела за враќање камати. И дополнително уште нешто што страшно загрижува – огромниот долг што државата го има кон јавните претпријатија, кон локалната самоуправа, кон компаниите, во здравството и така натаму, седумстотини и тринаесет милиони евра, вклучувајќи го и долгот за поврат на ДДВ – рече Филипче.

Неисплаќањето на овие средства, како што посочи, создава сериозни ризици за ликвидноста и функционирањето на стопанството.

– Значи, 713 милиони евра нема државата да ги даде на стопанството, а со тоа ги прави компаниите неликвидни и ги става во ризик како понатаму тие би функционирале. Сѐ на сѐ, страшен дебакл. Животот е сѐ поскап. Граѓаните ништо не може да си дозволат. Три минимални плати не се доволни за потрошувачката кошничка – нагласи Филипче.

Претседателот на СДСМ изрази сериозна загриженост дека продолжувањето на ваквите политики може да ја доведе државата во ситуација тековните обврски да ги покрива единствено преку скапо задолжување.

– Имајќи предвид дека сме сериозно загрижени оти на државата, вака како што сега Христијан Мицкоски ја води економијата, не ѝ преостанува ништо друго, освен за некоја година да се соочиме со грчкото сценарио, односно да стигнеме во ситуација кога единствен извор на тоа да се платат тековните расходи, плати, пензии, сѐ што се должи кон стопанството ќе бидат само скапите кредити – предупреди Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање за справувањето со економската криза, тој рече дека Владата не покажува „ниту волја ниту способност да понуди решенија, а последиците директно ги чувствуваат граѓаните“.

– Прво, Владата треба да има желба да се справи со кризата. Понатаму, треба да има знаење и капацитет, а ништо од ова очигледно е дека го нема. И како тоа сега се реперкуира и како тоа граѓаните го гледаат, го гледаат во своите паричници и во своите фрижидери. И паричниците и фрижидерите на граѓаните се празни. И тоа е доказ дека оваа Влада апсолутно не знае како се води држава – рече Филипче.

Фото: СДСМ