Јасно е дека единствениот пат напред за земјава се европските интеграции, порача претседателот на СДСМ Венко Филипче на Националната конвенција за Европската Унија, оценувајќи дека најновиот извештај на Европската комисија е сериозен аларм за состојбата во која се наоѓа државата.

Според него, земјава го добила најлошиот извештај во последните повеќе од десет години.

-Жалам што го добивме најлошиот извештај на Европската Комисија за нашата земја изминатите повеќе од деценија. Јасно е констатирано во извештајот дека изминатата година реформи нема. Мислам дека го кажав тоа и на претходниот состав на Националниот совет – дека единствен полош извештај е 2015 година, кога сме оценети како заробена држава, но власта и сега го прави, рече Филипче.

Во обраќањето тој предупреди дека доколку продолжи актуелната политика на застој и одбивање на реформи, постои реален ризик државата да биде вратена назад во евроинтегративниот процес.

– Ако вака продолжиме, и тоа беше дел од дискусијата на Националниот совет во минатиот состав, не сум сигурен – можеби Европската Унија ќе не врати повторно на ниво на скрининг, изјави Филипче.

Тој истакна и дека нема гаранција дека билатералното прашање со соседна Бугарија ќе остане единствениот услов за напредок во процесот.

– Можно е да не биде единствен услов решавањето на билатералниот проблем со еден од соседите. Зошто? Затоа што не сме спремни. Нема никакво придвижување, ништо во делот на подготовките за отворање на кластерите, особено на првиот – fundamentals, рече Филипче.

Како особено сериозен проблем го посочи недонесувањето на трите клучни патокази за владеењето на правото, функционирањето на демократските институции и јавната администрација. Според него, дури и да се изгласаат уставните измени, преговорите со ЕУ нема да можат да започнат веднаш.

-Сега да се случат уставните измени, ние утре нема да можеме да ги почнеме преговорите со Европската Унија, што ја става под знак прашање политичката волја на оваа владејачка гарнитура да направи нешто во делот на евроинтеграциите, рече Филипче и додаде дека ваквата ситуација се случува во време кога Европската Унија испраќа јасни сигнали дека е подготвена за проширување и охрабрување на кандидатите.

Јасни се, вели тој, сигналите од Европската Унија дека има волја да се стави акцент на процесот на проширување.

-На минатиот состанок кога беше присутна амбасадорката на Данска, ги образложуваше приоритетите на данското претседателство со ЕУ и јасно кажа: ние бевме најголеми скептици за проширувањето, а сега даваме зелено светло и ги поддржуваме сите земји-кандидати да продолжат со реформите, затоа што проширување евидентно ќе има, порача Филипче.

Тој на денешната Национална конвенција за Европската Унија, остро ја критикуваше, како што рече, неспособноста на владата да испорача резултати во клучните реформски области. Тој укажа дека Европската комисија јасно нотирала сериозни слабости во правосудството, борбата со корупцијата, слободата на медиумите и во работењето на Собранието.

-Неколку сериозни забелешки има во делот на неспроведувањето на препораките за правосудството. Не се донесе ни Законот за парнична постапка, не е зајакната улогата на Судскиот совет, не е зајакнат ниту доследно се применува АКМИС системот за електронско управување со судските предмети, рече Филипче.

Посочи дека и борбата против корупцијата е заглавена, со драстичен недостиг на политичка волја и ресурси. „Не е донесен нов Кривичен законик, потребна е подобра имплементација на антикорупциската стратегија и изготвување на нова, сега за периодот 2026 до 2030. Јавното обвинителство и другите институции од правосудниот систем немаат доволно човечки и финансиски ресурси, нагласи Филипче.

Во обраќањето посочи и дека Владата доцни со спроведување на обврските поврзани со економските критериуми. „Има забелешки во делот на економските критериуми, а тоа е финансиската консолидација со која се доцни и одложувањето на сите планови за имплементација на Законот за органски буџет, кој требаше да започне до 2025 година“, истакна претседателот на СДСМ. Со ваквиот пристап, според Филипче, Владата директно го компромитира патот на земјата кон ЕУ и ја уназадува државата во сите стратешки сектори.

Фото: СДСМ