Здравствениот систем е во целосна добра кондиција и подготвен и за зголемен број случаи на коронавирусот, смета министерот за здравство Венко Филипче.
-Нашиот здравствен систем, на овој начин целосно мобилизиран со резревата на доктори со листата спремна во ситуација на намален редовен програм, пред се тука мислам на анестезиолозите, сестрите кои имаат искуство во одделенијата за Интензивна нега, е во целосно добра кондиција и спремен да ги преземе предизвиците дури и во сценарио на форма на експоненцијален раст на бројот на случаи, рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во врска со состојбата со коронавирусот.
Филипче појасни дека работата на клиниките и болниците е реорганизирана и оти функционира системот на ротација. Лекарски експертски тим, според министерот за здравство, секојдневно консултира стручна литература и публикации и гледа кои се опциите, начините што може да се аплицираат кај нашите пациентите со коронавирусот, но има и секојдневни контакти со наши лекари Македонци во Италија.
-Од таму може многу да се научи, како во однос на мерки, терапевтскиот пристап, па и во однос на некои дилеми посебно кај тешки пациенти, дали е потреба механичка вентилација или не, во кој момент треба да се аплицира, рече Филипче.
Во однос на бројот на заболените медицински лица, која до вчера бил 17, Филипче потенцира дека дел од нив не биле свесни дека имале контакт со заболен, посочувајќи на примери во Скопје, Куманово, како и Кавадарци каде што ќе се испитуваат допрва. Побара повторно од граѓаните односно од пациентите да кажуваат реални и точни информации за нивната состојба. Според него, бројот на заболени медицински лица со коронавирус воопшто не се должи на непочитување на протоколите.
-Во однос на здравствените работници, сакам да кажам дека апсолутната бројка на заболени здравствени работници не е од директен контакт со заболени или од несоодветен пристап. Има здравствени работници кои практично биле во контакт со заболени, дел од нив несвесни дека тоа е ситуација, и друг дел како ова на Кардиологија… Дали некој свесно со знаци за покачена телесна температура, и тоа одел на работа и ќе повторам ќе биде најстрого санкционирано, рече министерот за здравство.
Секоја ЈЗО има наредба да организира проток на пациентите доколку има потреба од изолација.
-Пациентите мора да кажуваат точни информации, апелирам до сите да не прекриваат информации туку да кажуваат како е реалната ситуација, кажа Филипче, кој како пример посочи дека на Инфективната клиника нема ниту еден од мецинскиот персонал заболен од коронавирусот.
За Клиниката за кардиологија рече дека таму работниот процес не е компромитиран и дека после целосна дезинфекција сосема нормално се работи бидејќи тимот е сосема друг.