Филипинската и американската армија почнаа заеднички воздушни и поморски патроли во Јужното Кинеско Море, соопшти командата на филипинската армија на островот Лузон, а пренесуваат медиумите во источна Азија.
Заедничките воздушни и поморски патроли во Јужното Кинеско Море од гледна точка на Владата во Манила придонесуваат да се заштити суверенитетот на Филипините над териториите околу кои се спорат со Пекинг, но практично истовремено служат за спроведување на американската стратегија за ограничување на воено-политичкото влијание на Кина во Југоисточна Азија.
Поточно, тридневната патрола започна на 21 ноември, во близина на филипинскиот остров Манулис, на само околу 100 километри јужно од Тајван.
Станува збор за американски воен брод со невидливи карактеристики, извидувачки авион „П8 Посејдон“ и ловци-бомбардери „Ф-15“ на американските воздухопловни сили, три филипински бродови и три лесни борбени авиони „ФА-50“ и „А-29 Супер Тукано“ на филипинското воено воздухопловство.
Нивната крајна дестинација е ексклузивната економска зона на Филипините во Јужното Кинеско Море, која е предмет на спорот на таа земја со Народна Република Кина, бидејќи Пекинг ги смета за свои тие води.
Фото: МИА архива