Нашата работа не се мери со декларативни заложби, туку со конкретни резултати. А фактите говорат дека сите закони кои се дел од реформската рамка се подготвени или се во финална фаза на усвојување. Еден од клучните закони е новиот Закон за Судски совет каде воведуваме јасни критериуми, отворени постапки, и механизми за одговорност. Прецизирани се условите за членство, се уредува разрешувањето и се зајакнува транспарентноста, порача министерот за правда Игор Филков.
Тој во интервјуто за мкд.мк, осврнувајќи се на реформската агенда и законите кои се подготвени од Министерството, напомена дека во целост се исполнети сите рокови, а за некои дури и е завршено порано.
-Еден од клучните закони е новиот Закон за Судски совет каде воведуваме јасни критериуми, отворени постапки и механизми за одговорност. Прецизирани се условите за членство, се уредува разрешувањето, се зајакнува транспарентноста. Ова е удар на клиентализмот, рече Филков.
Според министерот, Судскиот совет повеќе нема да биде терен за тајни договори, туку арена за интегритет и стручност. Како што рече, Законот е испратен на мислење на Венецијанската комисија, а на ЕНЕР е објавен и Предлог Законот за јавното обвинителство каде за првпат се предвидува посебен буџет.
-Ако некој обвинител до вчера зависел од политичка волја за ресурсите, утре тоа ќе заврши. Обвинителството ќе добие своја фискална независност. Тоа не е само финансиска мерка, тоа е институционален штит. Исто така, се гарантираат транспарентни постапки за избор и дисциплински механизми. Ова е нов почеток, рече Филков.
Тој информираше дека во план и подготовка се и предлог Законот за судски буџет, предлог Законот за Советот на јавни обвинители, предлог Законот за јавнообвинителска служба, измени на Изборниот законик, со поддршка на ОДИХР, закони со кои се регулираат платите на судиите, јавните обвинители, и јавно обвинителската служба (рок јуни 2025), Закон за помилување, Закон за вештачење, Закон за нотаријат, Закон за извршување, Закон за пробација, Закон за извршување на санкции, Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка, Закон за заштита на лични податоци.
Во однос на Изборниот законик, Филков рече дека се прават подготовките и се иницира процес, но мора да има политичка зрелост.
-Сепак, треба да се има предвид дека изборното законодавство бара широк политички консензус и тука ќе треба конструктивен пристап и поддршка од клучните политички фактори во земјата. Нешто кое за жал во досегашните изборни циклуси резултираше со дискрепанци меѓу нацрт верзијата на законот подготвена со поддршка на ОДИХР и усвоениот законик од страна на Собранието, додаде Филков.
Во однос на разлика во роковите, тој потенцира дека едни рокови се наведени во Реформската агенда, а други во годишната програма на Владата.
-Реформската агенда предвидува до кога Собранието мора да го донесе законот – тоа е крајниот рок за целосно усвојување. Од друга страна, годишната програма на Владата го определува рокот до кога Министерството треба да го изготви законот и да го достави — најпрво до ЕНЕР (системот за јавни консултации), па потоа до Владата. Ова е начин да обезбедиме доволно време за јавна расправа, мислења од Венецијанската комисија, владини процедури и собраниски дебати, рече Филков.
Тој напомена дека е убеден и верува оти ќе се врати довербата на граѓаните во правосудниот систем.
-Верувам, и тоа не само како министер, туку како граѓанин. Правда и одговорност нема да дојдат сами по себе, тие се резултат на напорна, доследна и искрена работа. Нашата обврска е да ги поставиме стандардите, да обезбедиме транспарентност, но и да бидеме гласни кога има злоупотреби. Граѓаните заслужуваат институции кои функционираат, судови кои судат, правично и обвинителства кои дејствуваат неселективно. Тоа не е идеализам – тоа е наша задача. И ќе ја завршиме, порача Филков.
Фото: Министерство за правда