Неспорно, главна вчерашна вест во меѓународните односи беше одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп, да ги повлече САД од Сеопфатниот план за дејствување со Иран. При објавувањена одлуката Трамп изјави дека програмата дозволува Иран да продолжи со програмата за збогатување на ураниум што ќе овозможи Исламската Република да нарави напредок во производството на нуклеарни оружја.

На одлуката на Трамп посебно влијание имале податоците со кои располага Израел. Кон крајот на април израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху официјално соопшти дека располага со 55 000 страници и 183 диска тајни ирански документи кои јасно ја покажуваат намерата на Техеран. Но, според Њујорк тајмс, Нетанјаху не презентирал изрични докази дека Иран го нарушува договорот склучен со големите светски сили. Сепак, Нетанјаху изјавил дека „тие документи докажуваат дека Иран лаже кога тврди дека никогаш немал програма за нуклеарни оружја“.

Впечатлив е начинот на кој Мосад дошол до документите, а кои тежат половина тон. Во февруари 2016 година, израелската служба локализира маскирано складиште во кои се наоѓале документите. Следува операција, при која двајца агенти на Мосад успеваат да влезат во складот и да изнесат два камиони со документи, а потоа со помош на шверцери да ги префрлат преку Азербејџан во Израел, тврди Ерусалим пост. Агентите минале низ голем дел од иранската територија со помош на шверцерите кои не знаеле кому всушност му помагаат. Според зборовите на Нетанјаху, иранската програма го носи името „Амид“. Проектот бил развиван од 1999 до 2003 година. Целта била да се разработат, најпрвин теориски, а потоа и во практика, пет нуклеарни боеви глави со моќност од 10 килотона еквивалент на ТНТ. Нетанјаху изјавил, но не презентирал документи за тоа, дека Иран продолжува да бара начин да ја реализира програмата Амид која ја сокрил при меѓународната контрола во 2015 година.

Новиот државен секретар на САД и поранешен директор на ЦИА, Мајк Помпео, навел дека ќе остави да се покаже дали Иран имал намера тајно да продолжи со проектот Амид, а не дали тој постоел.