Европската Унија прво треба „да се поправи“, а дури потоа да се проширува, изјави денеска финскиот претседателот Саули Нинисто пред членовите на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ).
Како што јави дописникот на МИА од Стразбур, изјавата на Нинисто беше дел до одговорот на прашањето на претседателот на македонската собраниска делегација Бетиан Китев, за позицијата на Финска во однос на проширувањето на ЕУ, имајќи пред вид дека оваа земја ќе го преземе претседавањето со Унијата во јули годинава.
Во одговорот Нинисто нагласи дека Европската Унија во моментов се соочува со „многу, многу проблеми“, пред се монетарни, финансиски и буџетски, но во исто време се намалува и нејзината улога глобално ниво. – Со оглед на сите овие тешкотии ние треба да се усогласиме или да постигнеме компромис, тоа влијаешее на нашите можности да играме позначајна улога на светско ниво, изјави Нинисто.
– Мислам дека ЕУ треба навистина да ја преиспита својата задача, да подобри многу нешта и за време на финското претседавање ние посакуваме да се навратиме на ова прашање. Да видиме каде се наоѓа сега тој европски дух од 90-те години на минатиот век, кога ние и се приклучивме на Европската Унија. Денешниот дух не е ист. Ние треба да расчистиме и да бидеме јасни. Тука се поставува и прашањето за проширувањето. Да се проширува нешто, што навистина има потреба да се преиспита и поправи, изгледа парадоксално, потенцира претседателот на Финска, нагласувајќи дека тој е приврзаник на проширувањето на ЕУ.
Што се однесува до најгорливото прашање за Советот на Европа – евентиалниот излез на Русија од Организацијата, Нинисто нагласи дека Финска е во постојан дијалог со Русија.
– Во моментов се соочуваме со акутен ризик од губење на еден член, истакна тој.
Во пресрет на актуелната зимска сесија на ПССЕ, руската Државна дума реши да го продолжат бојкотот на Советот на Европа и да го продолжи замрзнувањето на исплатата на финансиските обврски на Русија во Буџетот на Организацијата, воведено по одлуката на Собранието да им го одзеде правото на глас на руските пратеници, како одговор на руската анексија на украинскиот полуостров Крим во 2014 година.
Според правилата на Советот на Европа, доколку една земја членка не ги плати своите финансиски обврски две години, ризикува исклучувањето од Организацијата. Русија престана со уплатите на средства во буџетот во јуни 2017 година, со што во јуни годинава би бил исполнет условот за нејзино исклучување од Советот на Европа.
Нинисто во обраќање пред пратениците на ПССЕ истакна дека иако Финска беше меѓу првите земји кои јавно ја осудија анексијата на Крим, заминувањето на Русија од Советот на Европа би било загуба за сите. – Во крајна линија, тоа ќе биде уште еден тежок удар за целиот меѓународен поредок втемелен врз правила, додаде финскиот претседател.
– Се надевам дека Советот на Европа ќе ја реши актуелната криза, како што направи за сите претходни. Финска активно ќе ги поддржи напорите за изнаоѓање излез, заклучи Нинисто, повикувајќи на тесна соработка меѓу Комитетот на министри и Парламентарното собрание за да се работи на „заедничко и одржливо решение“.