Лицата кои се физички активни можат да го намалат својот ризик од развивање на големи цревни полипи, кои можат да преминат во рак на дебелото црево, изјавиле научниците од Универзитетот во Вашингтон.
До овој заклучок дошле истражувачите од Универзитетот во Вашингтон, кои собрале податоци од 20 претходно спроведени студии за поврзаноста помеѓу физичката активност и аденомот на дебелото црево, кај пациенти кои минале низ колоноскопија или сигмоидоскопија. Научниците им дале прашалници на испитаниците за нивната физичка активност.
Научниците заклучиле дека лицата кои редовно вежбаат имаат 16% помал ризик од развој на полипи во однос на физички неактивните испитаници. Кај мажите ризикот од развој на полипи е намален за 19%, а кај жените за 13%.
„Веќе долго време знаеме дека активниот стил на живот може да заштити од рак на дебелото црево, но ова е прва студија која покажа дека физичката активност може да го намали и ризикот од развој на полипи во цревата“, изјавила Dr. Kathleen Wolin од Медицинскиот факултет при Универзитетот во Вашингтон, водителката на истражувањето.
Резултатите од ова истражување биле објавени во научниот часопис „British Journal of Cancer“.
Полипите се бенигни израстоци во цревата, кои растат во внатрешноста на шуплината (лумен) на цревата. Иако се бенигни, полипите со тек на време, во период од 10 до 15 години можат да се трансформираат во малигни т.е. да доведат до развој на рак на дебелото црево.
Полипите се разликуваат по големината, а нејчесто се сместени во долниот дел на дебелото црево и ректумот (завршниот дел на дебелото црево). Лицата кои имаат цревни полипи се изложени на поголем ризик од развој на рак на дебелото црево. Затоа, се препорачува хируршко отстранување на полипите, со што се спречува равојот на ракот на дебелото црево. Полипити најчесто се откриваат случајно, при скрининг за рак на дебелото црево.