Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, денеска, на почетокот од својот говор пред Европскиот парламент во Стразбур за состојбата на Европската Унија и приоритетите за следната година, изјави дека ЕУ е посилна од кога било, но и најнестабилна досега посочувајќи дека во ова сложено време Унијата избрала да оди по свој пат.
Таа го цитира описот на Чарлс Дикенс за деновите на Француската револуција како „најдобри времиња, но и најлоши времиња“ додавајќи дека исто е и во денешниот свет и дека брзината на промените е неверојатна.
Фон дер Лајен изјави дека Европската Унија избрала да се бори против „токсичното влијание“ на Русија, да застане на страната на Украина, која се бори за својата иднина и за европската безбедност, како и да застане на страната на Гренланд.




