Европа цврсто стои заедно во својата посветеност да го поддржи суверенитетот на Гренланд и Кралството Данска, порача синоќа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во објава на Икс.
Објавата на Фон дер Лајен следеше по нејзините разговори со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц и италијанската премиерка Џорџија Мелони.
– Секогаш ќе ги штитиме нашите стратешки економски и безбедносни интереси. Ќе се соочиме со овие предизвици за нашата европска солидарност со постојаност и решителност, додава Фон дер Лајен на Икс.
Објавата на Фон дер Лајен следи по најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека од 1 февруари САД ќе воведат царини од 10 проценти за Велика Британија, Германија, Данска, Норвешка, Финска, Франција, Холандија и Шведска, поради нивното противење на неговата намера за преземање на Гренланд.
Фото: Архива




